За средбата и темите за кои се разговарало за време на вториот ден од посетата на Брисел информираше министерот Муцунски на фејсбук.

„Втор ден во Брисел, работни средби со фокус на земјоделството и руралниот развој. Денеска, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, остварив средба со генералната директорка за земјоделство и рурален развој при Европската комисија, Елизабет Вернер“, објави Муцунски.
Шефот на дипломатијата истакна дека во текот на разговорите се осврнале на соработката и реформите во областа на земјоделството и руралниот развој, спроведувањето на ИПАРД III програмата, како и на зајакнувањето на институционалните и административните капацитети на државата.
Муцунски вчера оствари средба со со еврокомесарката за проширување Марта Кос, на која биле разговарано за текот на пристапниот процес, реформската агенда на државата, како и за имплементацијата на Планот за раст.

Министерот за надворешни работи поздравувајќи ја конструктивната и отворена соработка со Европската комисија и нејзините служби, нагласил дека Владата останува целосно ангажирана во остварувањето напредок во интегративниот процес и целосно мобилизирана во исполнувањето на ЕУ реформите и преземените обврски во рамки на Реформската агенда.
Шефот на дипломатијата вчера одржа брифинг со претставниците на земјите членки во Работната група за проширување при Советот на Европската Унија (КОЕЛА), на кој ја реафирмирал посветеноста на Владата кон европскиот пат, со фокус на испорачување конкретни реформски резултати за подобрување на животот на граѓаните и натамошно усогласување со стандардите на ЕУ. Тој вчера се сретна и со извршната потпретседателка на Европската комисија за социјални права и вештини, квалитетни работни места и подготвеност, Роксана Минзату.






