Според Мицкоски во законот стои дека 0,8 отсто од бруто домашниот производ е одделува за судовите и 0,5 отсто за обвинителите. Тоа, според него, е 1,3 отсто од бруто домашниот производ.
„И сега кога би имале ние, а мислам дека веќе следната година ќе дојдеме некаде околу 20,5 – 20,6 милијарди долари Бруто домашен производ, тоа значи дека 260-270 милиони долари ќе треба да се обезбедуваат пари за судовите и за обвинителствата или некаде 3-4 пати повеќе од досега“, истакна Мицкоски.
Тој образложувајќи ги трошоците и во останатите сектори и долговите од минатото, смета дека буџетот ќе треба да биде отприлика 8-9 милијарди евра, расходната страна, односно буџетскиот дефицит треба да биде меѓу 8 и 10 проценти од БДП. Тоа, нагласи, е невозможно, бидејќи, како што подвлече, кога се говори за реформи треба да се зборува за суштина, а не за пари. Забележа дека дел од судиите и јавните обвинители, откако оваа теза не поминала, се насочиле на барањата дека немаат основни средства за работа, компјутери, дактилографки, асистентки…, и оти не требало да чекаат од Владата согласност за вработување. Премиерот рече дека тоа е сосема во ред и оти ќе им дадат автономен буџет, сами да управуваат од средствата за хигиена до плати, кого сакаат да вработуваат и ангажираат.
„Ние немаме никаков проблем тоа да го прифатиме и ќе го прифатиме. Што сакаат нека прават тие неколкумина кои ја донесуваат до таа мерка правдата во Македонија и работата на судовите и обвинителството, што денеска нема граѓанин во држава кој верува дека има правда. Мене ми е жал што ние мораме ова јавно да го зборуваме, но мора да го зборуваме затоа што чувството кај граѓаните е такво. И не прифаќам дебата од одредени центри кои велат не е добро да се зборува така за институциите како што се судовите и обвинителството, па тие се тие кои што тоа го направија“, рече Мицкоски.
Од друга страна, додаде, доколку прифатат вкупен буџет за судови и обвинителство, 1,3 отсто, плус бесплатната правна помош, ќе дојдат до 1,4-1,5 отсто од бруто домашниот производ, тогаш земјата би била рекордер во светот, со 2,5 пати повеќе од државата што одвојува најмногу.
„Ние одвојуваме 0,44, односно 0,45 отсто, според Извештајот изработен од Советот на Европа, кој опфаќа параметри од 2022 година, објавен 24-та година, 0,39 отсто. Но, тоа е повеќе од просекот во земјите кои што ги опфаќа Советот на Европа, и 75 проценти повеќе од земјите членки на Европската унија. Ова е факт, јас не сум го направил тој извештај“, рече Мицкоски.
Нагласи дека доколку се создадат услови и дозволи буџетското консолидирање, нема проблем да им дадат и повиски плати, по цена граѓаните да се чувствуваат дека има правда во државава и оти некој навистина се бори за правда.
Но, според него, парите не се проблемот, и се наврати на случајот со Специјалното јавно обвинителство, каде обвинители добивале плата 10 пати поголема од тогашниот просек, и на крај СЈО заврши спакувано во чанта од брендот Луи Витон со неколку милиони внатре.
„Овие што требаше да бидат грации на правдата, борци за правдата, живот што ќе носеа и така натаму, сето тоа го спакуваа со неколку милиони евра во една чанта од брендот Луи Витон. Така што не било до парите. Не било до парите, току до нешто друго било“, истакна Мицкоски.
Претседателот на Владата денеска изјави дека повеќе од 70 проценти од пензионерите од следниот месец ќе добиваат помали пензии поради иницијативата на уставната судијка, а за што одлуката е веќе потпишана.
„Точно е тоа дека е покрената постапка пред Уставниот суд и точно е дека таа судијка за којашто сите зборуваме, којашто беше архитип на неправдата во судството, заедно со една друга обвинителка, којашто беше исто така вториот столб на тој архитип на судството едно време, и којшто соучествува во онаа чанта од брендот Луј Витон, се тие на коишто денес им пречи линеарното зголемување на пензиите на пензионерите, рече премиерот Мицкоски на денешната собраниска седница за поставување пратенички прашања.
Тој истакна дека судијката на Уставниот суд, според последната информација, ја има потпишано одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите на пензионерите.
– Последните информации се дека веќе одлуката е донесена и потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот. И тоа само за информација значеше дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец, поради оваа иницијатива на оваа судијка која е дел од Уставниот суд, рече Мицкоски.
Според него, ваквата одлука не е фер, бидејќи Уставниот суд ја укинува одлуката, а нема да се зачуди, како што рече, доколку истата судијка во Уставниот суд донесе одлука за одмрзнување на платите на судиите и обвинителите.
„Од аспект на фискален товар, помалку пари ќе даде Буџетот, но од аспект дали е тоа фер, не е фер, затоа што во време на транзиција кога малкумина олигарски го приватизираа и разграбаа македонското стопанство или поголем дел го уништија, најголем дел од овие пензионери со ниски примања, 8.000, 9.000, 10.000 или 12.000 денари се резултат на тој процес во времето на транзицијата. И затоа тие добиваат така ниски пензии. Целта на линеарното зголемување беше да се намали ХДИндексот, а да се зголеми стандардот на пензионерите и на тој начин да се намали степенот на сиромаштија“, нагласи Мицкоски.
Премиерот рече дека најверојатно следната одлука што ќе дојде од истиот суд е да се одмрзнат платите на судиите и на обвинителите.
„Значи, на пензионерите им се укинува правото, но затоа, пак, на овие обвинители и судии, бидејќи се незадоволни со 2.500, 3000, 4.000 евра месечно, ќе треба да им се одмрзнат платите, а пензионерите со 10.000, 12.000 денари коишто треба да добијат 1.000 денари зголемување сега овој месец, тие се побогати од овие малкумина судии и обвинители коишто ја контаминираат оваа професија“, рече Мицкоски.
Тој смета дека ваквата одлука е неправда за пензионерите. Со ова ќе се нанесе неправда на пензионерите, дециден е Мицкоски.
Премиерот рече дека ќе зборува јавно се додека работите не дојдат на свое место и оти Владата ќе се потруди овие работи многу скоро да дојдат на свое место. „Затоа што очигледно такви се пораките што доаѓаат и ние треба да ги преземеме работите во свои раце, бидејќи сме одговорни пред граѓаните за да се надминат некои појави во судството, особено во обвинителството. Ги слушам јас тие пораки и ќе почнеме да дејствуваме“, рече Мицкоски.






