На состанокот на кој присуствуваа министерот за одбрана – Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал‑мајор – Сашко Лафчиски, генералите од Армијата и претставници од кабинетите на претседателката и министерот, Сиљановска-Давкова посочи дека долгиот состанок не е случаен, туку ја изразува сериозноста на армијата, при што деталната презентација потврдила дека армијата, како што рече, ужива највисок углед во државава.
Како врховна командантка, таа истакна дека добила целосен увид во состојбите и дека се докажало оти навистина ние сме компатибилни и компарабилни со сите армии. Претседателката посочи дека високата доверба на партнерите се гледа преку учествата во меѓународните мисии и големите вежби нагласувајќи дека минатата година имавме на Криволак учество од 2.000 учесници.
Како посебно значаен момент од денешната презентација Сиљановска‑Давкова ја истакна и, како што ја рече, силата на воената дипломатија, при што додаде дека нема мисија во која ние не сме биле оценети извонредно не само регионално туку и пошироко. Таа ја посочи одличната соработка со армиските структури на Грција и на Бугарија, како пример за ефективна воена дипломатија.
Во однос на буџетските издвојувања за одбраната, претседателката нагласи дека во планирањето се забележува извонредна селектираност и квалитативна и стратешка рамка.
„Се разбира, мене ме интересираа издвојувањата од буџетот, бидејќи тие се многу важни, но гледам дека и тука има една извонредна селектираност. Квалитативна рамка, ова е стратешка рамка, но поголеми се квалитативните од квантитативните цели, што значи дека ние можеме да очекуваме исчекори“, истакна претседателката.
Во контекст на партнерствата, Сиљановска‑Давкова рече дека станало јасно зошто сме почитуван стратешки партнер на Соединетите Американски Држави, посочувајќи дека најголем дел од активностите се со нив, но и дека исто толку активности имаме и со ЕУ-партнерите. Таа ја повтори својата позиција дека пристапот треба да биде не или-или, туку и-и“.
Осврнувајќи се на застапеноста на жените во Армијата, претседателката посочи дека нивното учеството е речиси 24 отсто и дека целта е да достигнат 30 проценти. Притоа истакна дека застапеноста е поголема во офицерскиот состав, отколку во подофицерскиот и дека е потребно зголемување на подофицерскиот контингент. Таа најави залагање за формирање „национален центар за извонредност на жените во Армијата“, кој може да прерасне и во регионален центар.
Реферирањето го одржа началникот на Генералштабот, генерал‑мајор Сашко Лафчиски, кој ја запозна претседателката со реализираните задачи и постигнувањата на Армијата во текот на годината во областите: персонал, обука и вежби, опрема и инфраструктура, воено планирање и структура на силите, модернизација и опремување, како и буџет и финансии.
Како што соопштија од ГШ на АРМ, генералот Лафчиски истакнал дека Армијата е подготвена целосно да ја изврши својата уставна улога – одбрана на Републиката, заштита на територијалниот интегритет и независноста и исполнување на националните и меѓународните обврски, меѓу кои и придонесот во колективната одбрана, меѓународните операции и заштитата на националните интереси.
Информира дека Армијата во изминатата година успешно ги реализирала сите планирани и доделени задачи, при што бил нагласен високиот степен на подготвеност на припадниците, напредокот во модернизацијата и опремувањето, како и значајната улога на македонските мировници во зајакнување на регионалната и глобалната безбедност.
Според Лафчиски, борбената готовност е на потребното ниво и дека Армијата ќе продолжи да ја подобрува преку исполнување на планот за модернизација и опремување, континуираната обука и вежби дома и во странство, како и преку исполнување на пакетот цели на способности за 2025 година, кој е еден од приоритетите во рамките на НАТО.






