Речиси нема бензинска станица во Скопје на која денеска нема долги редици автомобили, кои чекаат дури и по еден час за да наточат бензин. На една од нив сведочеше и МКД.мк, а наши читатели велат дека гужвите се насекаде низ градот.
Поради ова, СДСМ и ЛДП денеска побараа итна реакција од Владата.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција ја обвини власта дека не презема ништо против поскапувањето на цените поради војната на Блискиот Исток, и предложи намалување на ДДВ за горивата од 18 отсто на пет проценти и намалување на акцизата за четири денари и нула ДДВ за храната.
„Прво предлагаме намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на пет проценти при промет на сите енергенси, дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен газ и метан. Понатаму, намалување на акцизата за четири денари, и тоа е нешто што директно ќе ја намали цената на еден литар на горивата по бензинските станции, и дополнително на сè, сведување на нула проценти ДДВ на основните прехранбени производи, за да се амортизира евентуален скок на цените на храната“, рече Филипче.
Според него, власта не презема ништо во однос на кризата што се случува веќе повеќе денови на Блискиот Исток, а денеска, посочи тој, сме соочени и со раст на цените на горивата поради случувањата со војната во Иран.
„Во континуитет еден месец расте цената на светските берзи на нафтата и таа е порасата за 60 проценти. Досега требаше да има вонредна седница на Владата за да се спреми системот за да се донесат мерки за вакви ценовни шокови граѓаните да не почувствуваат“, рече Филипче.
Од ЛДП пак бараат итна и ефикасна реакција по последната одлука на Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ), за поскапување на нафтата и нафтените деривати, со цел олеснување на товарот на џебовите на граѓаните.
„Изненадува фактот што Владата делува целосно неспремно и неподготвено, иако пред само десетина дена нѐ убедуваа дека ‘нема опасност’ за државата. Од Владата за почеток бараме итно привремено намалување на акцизата за увоз на горива уште во наредните денови и воведување на други мерки и субвенции, за вистински навремено да се реагира и да се намали дополнителниот ценовен шок на граѓаните“, се наведува во денешното соопштение на ЛДП.
Од Владата пак смируваат и велат дека состојбата со нафтата е стабилна и нема потреба од паника. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во петокот изјави дека во Министерството се одржал состанок со нафтените компании и ниту една од нив не кажала, како што рече, дека има каков било проблем со залихите нафта.
„Жал ми е што во секоја ваква ситуација поединци секогаш се трудат да остварат профит и тоа е целта што најверојатно голем дел од луѓето ги води, па создаваат вештачки кризи, дека нема доволно нафта. Ако газдите не знаат каква е ситуацијата, не може ние да викаме дека не е како што треба. Нема потреба од создавање паника, а законите имаат предвидено сѐ и институциите ќе постапат. Во законот за акцизи има автоматски стабилизатори. Тоа значи, ако се прогласи кризна состојба во државата, по автоматизам министерот за финансии носи одлука за промена на цената на акцизата. Во однос на претходни кризи и искуства гледаме дека ситуацијата е многу постабилна, но ние не сме експерти за нафта, најсоодветно е за тоа да ги прашате РКЕ“, изјави во петокот Димитриеска-Кочоска.
А токму од РКЕ денеска информираа дека донеле одлука за поскапување на нафтените деривати. Дизел горивото од ноќеска на полноќ поскапува за 14,5 денари, а цената на бензините се зголемува за пет денари за литар. Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 14,27 отсто.
Во меѓувреме, Државниот пазарен инспекторат изврши контроли на бензинските пумпи низ државата. Според директорот на инспекторатот, во изминатите три дена биле извршени повеќе од 270 контроли, при што било утврдено дека на дваесетина бензински станици имало привремен недостиг од гориво. Сепак, инспекторите појаснуваат дека се работело за краткотрајни прекини во снабдувањето – од еден до два часа – додека се дополнат резервоарите на пумпите. Како главна причина се посочува нагло зголемената побарувачка, која во одредени моменти била и до четири пати поголема од вообичаеното.
Во очекување на криза со горивата, МКД.мк денеска пишуваше дека бившојугословенскиот регион се потсетува на системот „пар-непар“.
Возачите во делови од Словенија во изминатите денови се соочиле со неочекуван проблем – на одредени бензински пумпи на Петрол привремено снемало гориво. Според сведоштва на граѓани, на некои локации недостигале дизел, бензин, па дури и мазут за греење.
Здружението на нафтени компании на Црна Гора (УНКЦГ) предупреди дека постои сериозен ризик од прекин во снабдувањето со гориво во земјата, бидејќи цените кај добавувачите – особено на еуродизелот – се за 30 отсто повисоки од цените што моментно важат.
Владата на Србија пак, на вонредна седница одржана денеска, донесе одлука за забрана на извоз на нафта и сите нафтени производи за погон на мотори.
И.О.






