вторник, 27 јануари 2026

Реактивирање на скопското Кале како визија за „Скопје – европска престолнина на културата“ во 2028

Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши работна посета и детален увид на локалитетот Кале заедно со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, проф. д-р Драги Митревски и претставник од Управата за заштита на културното наследство, со цел целосно согледување на актуелната состојба и утврдување на реалните можности за негово понатамошно отворање и ставање во активна културна функција, информираат од Град Скопје. 

Објавено на

часот

Сподели

Во рамките на посетата била нагласена јасната определба на Град Скопје за внимателно, стручно и одговорно приспособување на просторот, со цел, како што велат од Град Скопје, скопското Кале да прерасне во жива културна сцена достапна за граѓаните, уметниците и посетителите, при целосно почитување на историските слоеви, автентичноста и културното наследство.

„Овој пристап е во согласност со современите европски практики, каде што локалитети со исклучителна историска и симболична вредност се интегрираат во активниот културен живот на градовите како дел од пошироката визија ‘Скопје – европска престолнина на културата’, која има цел долгорочна културна трансформација и одговорно пренесување на наследството на идните генерации“, се вели во соопштението од Град Скопје.

Ѓорѓиевски истакнал дека како градоначалник има јасна и недвосмислена цел, која подразбира целосно отворање на просторот на скопското Кале, негово внимателно, стручно и одговорно приспособување и ставање во активна функција за културни и уметнички содржини, со апсолутно почитување на историските слоеви и автентичното културно наследство.

„Во светот постојат многубројни позитивни примери, каде што објекти со силна историска и симболична вредност се целосно интегрирани во современиот културен живот како сцени за театар, музика, изложби и современи уметнички перформанси. Тие се живи простори во кои се води постојан дијалог меѓу античкото наследство, османлискиот период и современите уметнички изрази. Токму ваквиот пристап овозможува не само заштита туку и активна смислена интерпретација на културното наследство. Просторот добива нова, современа културна улога во служба на граѓаните, уметниците и посетителите на нашиот град. Скопското Кале е еден од најзначајните културно-историски симболи на Скопје. Тоа е сведок на нашата цивилизациска историја и нашата колективна меморија“, нагласил Ѓорѓиевски.

Неговата реафирмација, додава, е јавен интерес и обврска кон идните генерации да им се остави град што го почитува минатото, а храбро ја гради својата културна иднина.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ