Нафтоводот Солун – Скопје повторно функционира по 13 години неактивност, веќе била испорачана првата пратка, а според истите информации, во следниот период ќе следи и втората.
Извршниот директор на грчката компанија, на вчерашниот настан истакнал дека во суштина станува збор за еден вертикален коридор за снабдување со традиционални производи, со оглед на тоа што нафтоводот ќе пренесува дизел-гориво, кое е основниот производ во поширокиот регион.
Дополнително, според АНА-МПА, посочил дека работењето на нафтоводот ги олеснува извозите не само кон Македонија, туку и кон соседните пазари како Косово, јужна Србија и Бугарија, со што се зајакнува геополитичкиот отпечаток на земјата во регионот.
Но, и дека се намалува значителниот сообраќаен метеж и оптоварувањето на животната средина во Солун, поради сообраќајот на цистерни, преку кои се вршеше снабдувањето во изминатите 13 години, односно во периодот кога работата на нафтоводот беше прекината.
Премиерот Христијан Мицкоски на крајот на ноември рече дека Владата ги презема сите чекори за ставање во функција на продуктоводот, којшто со години не е во функција и најави дека се очекува нафтоводот да почне со работа.
„Ние како држава ги спроведуваме сите чекори тој продуктовод, којшто долги години беше уништуван и којшто беше конзервиран, да биде ставен во функција. Траат испитувањата, мислам дека е веќе завршено. Треба да почнат пробите на притисок, ако не се веќе и почнати. Знам дека на Влада помина и ценовникот. Така што очекувам оваа година тој продуктовод да биде ставен во функција“, изјави Мицкоски на крајот на ноември и посочи дека по ставањето во функција на продуктовод од Солун до Скопје компаниите се тие кои доколку најдат интерес да го користат, бидејќи како Влада не можат да го водат бизнисот на сметка на приватните компании или акционерски друштва.
Пред две години, во интервју за „Катимерини“, извршниот директор на „Хеленик енерџи“, Сиамисис, говорејќи за нафтоводот посочи дека може годишно да пренесува 2,5 милиони тони сурова нафта и нафтени деривати (дизел, керозин и бензин).
Нафтоводот беше неактивен од 2013 година, а од 2020 година се интензивираа напорите кога беше формирана заедничка комисија за да изнајдат области на поклопување меѓу инволвираните страни, во поповолна средина, за повторно да биде ставен во функција.






