вторник, 16 декември 2025

Реакција на еко-организациите: Со измените во законите за отпад само се олеснува работата на загадувачите

Организациите О2 иницијатива и здружението за одржлив развој и заштита на животната средина Гоу грин од  Скопје сметаат дека предложените измени во законите за отпад само се пролонгираат роковите за поголема заштита на животната средина. Бараме од поднесителите на предлог-измените да ги повлечат своите предлози час поскоро, а сите измени да бидат консултитрани и со граѓанскиот сектор, сметаат овие организации.

Објавено на

часот

Сподели

Процедури кои набрзина и кои по скратена постапка се носат, без транспарентен процес и јавна консултација како што и налага Архуската конвенција, значи само прекршување на основните демократски начела и дополнително загрозување на животната средина, а со тоа и квалитетот на живот за македонските граѓани, велат во реакцијата Го грин и О2 иницијатива и додаваат дека овие измени не се ни малку во насока на итно решавање на предизвиците со отпадот, туку токму напротив, олеснување на производителите на отпад, односно загадувачите.

До Собранието со скратена постапка се доставени 4 предлог-измени во законите за отпад.

Пратениците на ДУИ предложија  измени во Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема со кои се предвидуваат поместувања на роковите за собирање на овој тип на отпад од 2028 на 2042 година за 65% од пуштената опрема на пазар, намалување на плаќање на надоместокот за управување со отпадната опрема за 50% и дополнителни 30%, односно 10% зависно од категоријата на производот.

„Со ова сметаме дека нема да се овозможи адекватно управување со овој отпад од страна на колективните постапувачи и ќе се пролонгира за речиси 15 години соодветното собирање на овој отпад“, сметаат еко организаците.

Измените на Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад на ЛДП предвидуваат монополизирање на пазарот, појава на нелојална конкуренција и ставање во тешка позиција на помалите колективни постапувачи. Можно е да се предизвика цепкањe на пазарот и појава на нестабилни (фантом) правни субјекти кои не се одржливи, кои ќе егзистираат неколку години и ќе го нарушат пазарот и предизвикаат нелојална конкуренција и ќе го отежнат процесот на имплементација на воспоставување на одржлив интегрален и стабилен систем на управување со посебни текови на отпад.

Министерството за животна средина предлага измени на Законот за управување со дополнителни текови на отпад. На барање на компаниите кои пуштаат масла на пазарот и со измената се намалува надоместокот за управување со отпадните масла за 50%. Предложената промена на надоместокот (намалување за 50%), значи многу помалку средства за поставување на системот, кој има голем ризик да не биде функционален и да не се исполнат целите. Тоа значи дека ќе продолжи отпадното масло да се отстранува неправилно, неорганизирано, да се користи за греење, горење односно нема да се намали значително негативното влијание врз животната средина.

И пратениците на ВМРО-ДПМНЕ предложија измени на Законот за управување со отпадот со кои се предвидува поместување на роковите за 3 години за носење на правилникот за тарифи за отпад и плаќањето на тарифата за отпад и за 3,5-4 години за усогласување на други закони во врска со надлежностите на Регулаторна комисија. Роковите беа пробиени одамна и редно е да се донесе и правилникот и усогласувањата без одлагање.

Моменталната законска регулатива, донесена во септември 2021 година (која е усогласена со законодавството на ЕУ во областа на управувањето со отпад) беше поздравена како успшена и реална. Притисокот е сега, бидејќи после три години дојде време за примена на одредени членови на законите кои на одредени страни не им одговара. Проблемот лежи во тоа што овие измени не се ни малку во насока на итно решавање на предизвиците со отпадот, туку токму напротив, олеснување на производителите на отпад, односно загадувачите, се вели во реакцијата на О2 иницијатива и Го грин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ