Зеленски зборуваше еден ден откако Путин ја пофали „специјалната воена операција“ во Украина како „херојска“ мисија на руската војска за време на патриотскиот собир на московскиот стадион Лужники пред десетици илјади Руси.
„Сто илјади луѓе пред стадионот, заедно со 95.000 во самата арена, приближно одговараат на бројот руски војници кои влегоа во Украина“, рече Зеленски во видео пораката во саботата наутро.
„И сега замислете 14.000 трупови на овој стадион со уште десетици илјади ранети и осакатени“, рече тој, мислејќи на украинските проценки за руските загуби од почетокот на војната.
Зеленски уште еднаш повика на итен прекин на конфликтот. „Војната мора да заврши, предлозите на Украина се на маса“, изјави тој за весникот Украинска Правда.
Русија ја нападна Украина на 24 февруари.
Регионалниот гувернер на Киев Олексиј Кулеба рече дека рано наутро во саботата биле евакуирани најмалку 50.000 цивили од борбените зони северно и северозападно од главниот град, а властите продолжуваат со спасувачките напори.
Советникот на украинскиот претседател Олексеј Арестович во саботата наутро изјави дека имало повеќе борби меѓу руските и украинските сили на аеродромот Чернобаевка, во близина на Херсон на југот на Украина.






