Пред новинарите, Шолц и Ердоган говореа за квалитетен разговор, за кој Ердоган рече дека е воден во „искрена атмосфера“, а Шолц ги нарече „конструктивни и продуктивни“ напорите на Турција за постигнување дипломатско решение.
Запрашан за неутралноста на неговата земја во конфликтот, Ердоган рече дека сака да одржува пријателски односи со украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.
„Ја испративме потребната помош во Украина и ќе продолжиме да ја испраќаме“, повтори тој. Од 2019 година, Анкара го снабдува Киев со борбени дронови, кои Украина ги користеше уште од првите часови на руската инвазија против колони руски тенкови.
„Турција испрати оружје во Украина, не само хуманитарна помош. Треба да водиме сметка за тоа“, нагласи Шолц. Ердоган ја осуди руската инвазија на Украина уште првиот ден, на 24 февруари, но се воздржа да се приклучи на санкциите на Западот против Москва.
Посетата на Шолц на Анкара е дел од дипломатските напори на Турција која минатата недела беше домаќин на првите директни преговори од почетокот на руската инвазија меѓу министрите за надворешни работи на Украина и Русија, Дмитро Кулеба и Сергеј Лавров. Двајцата министри не успеаја да постигнат прекин на огнот, но рекоа дека ќе го продолжат дијалогот.






