понеделник, 29 декември 2025

За една година СВР Куманово регистрирало 74 пријави за прегласна музика

Секторот за инспекциски надзор од општина Куманово во текот на годинава изрекол платни налози за четири угостителски објекти кои го прекршиле законот за бучава, соопштија денеска надлежните, кои во текот на 2025-та извршиле седум мерења на угостителски објекти. Кумановци поднеле неколку пријави до секторот за инспекциски надзор за бучава од различни угостителски објекти од градот. Оттаму информираа дека пристигнале барања за нарушување на мирот од бучава од кафе барови што се наоѓаат во локалитет Гарнизон, од угостителски објекти на Плоштад Маршал Тито, од локалитетот Табакана и од бучава од клима-уред од угостителски објект на улица Перо Шварц.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

„До Секторот за инспекциски надзор – Инспекторат, Општина Куманово има пристигнато петиција од станарите кои живеат во станбени објекти во локалитетот Гарнизон, за зголемена бучава од кафе барови кои се наоѓаат на вториот кат од овие објекти“, информираа од секторот.

Секторот за инспекциски надзор – Инспекторат, Општина Куманово има склучено договор со акредитирана лабораторија за мерење на бучава. Откако граѓаните ќе достават пријава или иницијатива инспекторатот врши увид во потребните документи потребни за заштита на животна средина за објектот.

„За вакви случаи секогаш увид се прави во доцните часови за кој временски период е и пријава и се излегува во соработка со МВР, СВР Куманово и со претставници од лабораторијата кои согласно утврдена методологија вршат мерење на емисија на бучава од угостителски објекти“, информираа од секторот.

Согласно Законот за прекршоци од нарушување на ред и мир, одговорни за спроведување на законот е МВР.

„Најчесто поплаките се за нарушување на јавен ред и мир од гласна музика од кафе барови во период околу полноќ, што е повторно надлежност на СВР Куманово“, додаваат од инспекцијата.

Кумановци најчесто се жалеле за нарушување на ред и мир од гласна музика од кафе барови во ноќните часови, што е во надлежност на СВР Куманово.

„Ние како институција немаме законско право да вршиме мерење на бучава. Затоа ангажираме акредитирана лабораторија. Во Куманово не постои акредитирана лабораторија за мерење на бучава и истите се со седиште во други градови, затоа не може да се реагира веднаш туку потребно е однапред закажан и усогласен термин“, известуваат од секторот.

СВР Куманово од почетокот на 2025 година досега биле евидентирани 74 пријави во угостителски објекти на подрачје на Куманово, а кои се однесуваат за нарушување на јавниот ред и мир по пат на бучавост, додека во 2024 година биле регистрирани 29.

„Најчесто пријавите се во вечерните часови и по извршено фонометриско мерење биле утврдени 7 прекршоци во угостителски објекти, при што биле констатирани нарушувања на јавниот ред и мир по член 8 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Исто така некои угостителски објекти биле пријавувани по неколкупати и за нив биле поднесени соодветни поднесоци“, изјави портпаролката на СВР Куманово, Ивана Младеновска.

Полициските службеници од Секторот за внатрешни работи Куманово континуирано се на терен во сите временски периоди и доколку биде забележано некакво нарушување на јавниот ред и мир согласно законските надлежности веднаш се преземаат мерки.

Лекарите предупредуваат дека бучавата предизвикува негативни здравствени ефекти. Ефектите, можат да бидат акутни или хронични во зависност од видот, временската изложеност, а најзагрозени се повозрасните лица и децата, кои освен вознемиреност, пројавуваат нарушување на сонот, кардиоваскуларни ефекти, пречки во говорната комуникација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ