Одговарајќи на новинарски прашања, Османи рече дека имало размислувања Арифи да биде предложена за амбасадорка во ЕУ, но предлогот не бил формализиран, како и дека „никогаш, ама баш никогаш не бил пратен агреман за Арифи да биде амбасадорка во Анкара“, како што објавија дел од медиумите.
„Мислам дека треба да бидеме внимателни, еве денеска е ден на слободата на медиумите, но мора да внимаваме на прашањето за лажните вести, оти на крај жртви на лажните вести се граѓаните. Кога ние политичарите влегуваме во политиката свесни сме дека ќе бидеме жртва на лажни вести, но граѓаните не смеат да бидат. Во прашање е и достоинството на луѓето за кои зборуваме непроверено. Никогаш немало предлог за Теута Арифи да биде амбасадорка во Анкара. Немало ни размислување. Вчера не само помали медиуми, туку и мејнстрим медиуми објавија вест за Арифи без да побараат став од МНР. Никогаш немало предлог за Арифи за Вашингтон, за таа да биде одбиена. За ЕУ немало формализиран предлог за Арифи, имало размислувања, но формален предлог за Брисел за Арифи немало. Ни за Анкара немало агреман за неа. Да внимаваме при споменување на имиња. Не било пратено барање за агреман за која било држава за Теута Арифи“, рече Османи.






