сабота, 13 декември 2025

„Вучиќ се обидува да ја имитира Југославија од времето на неврзаните“

Објавено на

часот

Сподели

„Сигналот гласи: Европа го набљудува регионот, на секоја криза ќе реагира решително. Позадината е стравот дека Русија би можела да се обиде да го дестабилизира регионот со маневар на вртење на вниманието“, додава угледниот германски весник.

Дописникот на весникот Михаел Мартенс наведува дека Србија и Република Српска се единствените подрачја „надвор од регионот на моќта на Путин“ во кои кај значителен дел на населението и медиумите постојат симпатии за војната против Украина.

„Светот го обиколија снимки од демонстрациите со илјадници учесници во Белград, кои одеа низ градот со руски знамиња, слики од Путин и знаци со буквата Z. Демонстрациите против руската воена политика со многу помала масовност неколку дена подоцна наидоа на многу помало внимание во странство“.

Во текстот како клучен момент се истакнува известувањето на голем број српски медиуми. Чувството на словенско-православната поврзаност во Србија „во последните десетина години системски се поттикнува и засилува преку медиумите кои влегуваат во системот на владеењето на претседателот Александар Вучиќ“.

„Телевизиите, весниците и порталите, кои тесно соработуваат со властите и од нив добиваат субвенции, од Путин направија икона“, пишува франкфуртскиот весник.

Се спомнува и Руско-српскиот хуманитарен центар во близина на аеродромот во Ниш кој весникот го нарекува „база за операции“ на Русија. Тој центар, како што се наведува, брзо реагира во низа природни катастрофи.

„Таквиот впечаток се создава и затоа што медиумите на Вучиќ со сите сили ја поттикнуваат проекцијата на руската мека моќ во Русија. Така за руската помош се известува на насловните страници и на почетокот на вестите, додека далеку поопсежните мерки за помош на ЕУ се премолчуваат или само маргинално се спомнуваат“.

Авторот наведува и дека до сега не се потврдиле сомнежите на Западот дека базата во Ниш ѝ служи на Москва како „шпионски центар или како јадро на идна воена база“, но дека тие сомнежи и понатаму постојат.

„Вучиќ се обидува со Србија да ја имитира цик-цак политиката на Југославија во времето на неврзаните“, оценува весникот потсетувајќи дека официјален Белград се придружи на резолуцијата на Генералното собрание на ОН со која се осудува нападот на Русија, но не и на санкциите на ЕУ. Додава дека тоа на Белград му носи мала економска предност и дека, на пример, бројот на летови на компанијата Ер Србија кон Москва и Санкт Петербург е речиси удвоен.

„Истовремено Русија не е битен трговски партнер, ако се занемари големата зависност од нафта и гас. Економски Србија е силно насочена кон ЕУ и соседните земји од Западниот Балкан. Нормално дека Вучиќ, кој е луд по бројките и статистиките, тоа точно го знае“, наведува германскиот весник. Додава и дека српската војска има повеќе воени вежби со членки на НАТО отколку со Русија.

Тешко може да се предвидат понатамошните одлуки на Вучиќ во врска со ЕУ санкциите против Русија, оценува авторот и објаснува: „Пред претседателските и парламентарни избори на 3 април, на кои (Вучиќ) се кандидира за нов мандат, не би требало да се очекуваат остри промени на курсот, барем кон сегашната состојба на нештата – освен ако западниот притисок врз Белград значително не порасне“.

„Во тој случај Вучиќ би можел да очекува и контрапритисок од Москва, која цврсто стои со Србија во Советот за безбедност во спречувањето на признавањето на Косово. Улогата на заштитничка пак би можела да ја преземе Кина, на која Вучиќ барем од почетокот на пандемијата повеќе се потпира“, заклучува германскиот весник.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ