сабота, 27 декември 2025

Вториот човек на Азов тврди дека Русите лажат за Азовстал

Објавено на

часот

Сподели

Од Кремљ порачаа дека функционираат најавените хуманитарни коридори преку кои од Азовстал треба да се извлечат преостанатите цивили, според проценките околу 200. Коридорите кои вклучуваат и прекин на огнот се најавени за денес, утре и задутре од 8 до 18 часот по московско време.

Ројтерс пренесува дека портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на прашањето дали се вистинити тврдењата на украински воени извори дека руските војници навлегле на територијата на челичарницата кажа дека на сила е претходната наредба на претседателот Владимир Путин да не се напаѓа фабричкиот комплекс.

Сепак, украинската страна тврди дека борбите во Азовстал продолжуваат.

Се огласи заменик командантот на Азов Свјатослав Паламар кој изнесе тврдење дека Русите го нарушиле прекинот на огнот. Кажа и дека не дозволуваат евакуација на цивилите.

„Трет ден откако непријателот влезе во фабриката Азовстал, каде продолжуваат тешките крвави битки. Русите повторно ги прекршија своите ветувања за прекин на огнот и не дозволија евакуација на цивилите кои и понатаму се кријат од гранатирањето во подрумите на фабриката. Нашиот непријател не почитува етички норми, конвенции или закони“, кажа Паламар.

Тој побара од украинскиот претседател Володимир Зеленски „да ги згрижи ранетите војници кои умираат во страшни маки без соодветна медицинска нега“ и ја повика меѓународната заедница на засилена помош во евакуацијата на цивилите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ