Од понеделник наутро не е возможно повторно да се вчита апликацијата, пристапот до страницата не е можен без ВПН, објавија новинари на АФП.
Рускиот телекомуникациски регулатор Роскомнадзор го стави Инстаграм на списокот страници со „ограничен пристап“, а истата судбина ја доживеаја и Фејсбук и Твитер.
Пред три дена Мета објави дека Фејсбук и Инстаграм на своите корисници во некои земји ќе им дозволат повици на насилство против Владимир Путин и руските војници.
Од Мета велат дека привремено го дозволиле она што инаку би се карактеризирало како говор на омраза, како што е изразот „смрт за руските окупатори“, и што инаку би ги прекршило правилата на овие социјални мрежи.
Како одговор на тој потег, Русија ги повика САД да престанат со „екстремистичките активности“ на оваа компанија. Соопштението дојде откако Ројтерс ги објави интерните пораки на Мета во кои се истакнува промената во политиката на компанијата.
„Во светло на инвазијата на Украина, направивме привремен исклучок од правилото за сите оние кои се погодени од војната за да ги изразат своите чувства кон окупаторските воени сили“, изјави портпаролот на Мета за Би-би-си.
Според новата регулатива, на корисниците во Русија, Украина и Полска ќе им биде дозволено да повикуваат на смрт на рускиот претседател Владимир Путин како и на неговиот белоруски колега Александар Лукашенко.
Се додава дека таквите публикации нема да бидат забранети доколку не содржат други цели или вклучуваат било какви локации или методи. Повиците за насилство ќе бидат дозволени и во објави кои јасно се однесуваат на инвазијата на Украина.
На оваа вест на Твитер реагираше и руската амбасада во Америка.
„Бараме од американските власти да престанат со овие екстремистички активности на Мета и да преземат чекори за казнување на прекршителите. Корисниците на Фејсбук и Инстаграм им дадоа право на сопствениците на платформата да поставуваат критериуми за вистината и да ги поттикнуваат луѓето едни против други“, велат од амбасадата.






