петок, 19 декември 2025

ВМРО-ДПМНЕ со предлог за измени на условите за пензионирање во АРМ

Објавено на

часот

Сподели

„Штетите кои настанаа како последица на неодговорното и нестручно раководење со одбраната и Армијата од страна на министрите на СДСМ, веќе се чувствуваат и на организациско ниво, но и помеѓу воениот персонал. Токму затоа, како одговорни пратеници, нудиме законско решение со цел санирање и колку-толку поправање на катастрофалната состојба во АРМ.

Со ова законско решение, предлагаме подобрување на условите за пензионирање на активниот воен персонал и давање на можност на активниот воен и цивилен персонал во Армијата да му престане работниот однос по сила на закон со остварување на право на пензија со навршување на 40 години стаж без оглед на годините на возраст за мажи, и 38 години стаж за жени“, изјави Ковачки.

Како што кажа на прес-конференцијата, предлагаат да се изврши корекција во висината на пензијата и на воениот и на цивилниот персонал на кој од денот на формирање на Армијата до денот на влегување во сила на овој закон им престанал работниот однос согласно законите за служба во Армијата кои важеле во времето на остварување на правото на пензија.

„Со овој предлог, ги враќаме ингеренциите на НГШ на АРМ кои со последните измени му беа одземени од страна на министерот во поглед на поставување на високи офицери на служба во Армијата, со што цениме дека ќе се придонесе и за департизација и за професионализација на Армијата.

Исто така, со овие предлог-измени, се регулира статусот на професионалните војници на кои службата во Армијата им престанува поради навршување на 45 години старост, на начин што на истите им се даваат две опции: да засноваат работен однос на неопределено време без објавување на јавен оглас, со превземање во органите на државната и локалната власт и други државни органи согласно нивната стручна подготовка или право на отпремнина, односно еднократен надоместок во износ од 1.000 евра во денарска противвредност, за секоја година помината во служба во Армијата“, додаде Ковачки.

Во ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека пратениците од владејачкото мнозинство ќе го  прифатат и поддржат ова законско решение со цел, како што велат, да се престане со политизација на ова прашање и да се задржи достоинството на воената организација и нејзините припадници кои со гордост ја носат униформата и ѝ служат на државата.

Ковачки уште кажа дека бидејќи станува збор за итен закон бара од претседателот на Собранието, да биде ставен како точка на дневен ред на утрешната седница.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ