На вчерашниот состанок присуствуваа претседателот на Владата Димитар Ковачевски, заменик-претседателот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за локална самоуправа Горан Милевски. Делегацијата на ЗЕЛС ја предводеше претседателката и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Претставниците на ЗЕЛС побараа интензивирањето на постапката за формирање на работната група за продолжување на процесот на децентрализација како и за моделот на финансирање на локалната самоуправа. Дискусијата се однесуваше и на фискалната децентрализација со која се предвидува зголемување на фискалниот капацитет на општините и зголемување на приходите, но и зајакнување на финансиската дисциплина на општините со цел намалување на долговите и домаќинско работење, како и зголемување на транспарентноста и отчетноста.
На состанокот се разговараше и за барањето кое се однесува на финансирањето на образованието, детската и социјална заштита и противпожарната заштита, како и за барањата во сферата на урбанистичкото планирање, градење и градежно земјиште. Енергетската ефикасност на општините, како и унапредување на системот за наплата на данокот на имот исто така беа предмет на разговор на денешниот состанок.
Владата и ЗЕЛС ќе продолжат со дијалогот со цел изнаоѓање најсоодветни решенија во решавањето на прашањата кои ги засегаат граѓаните на локално ниво, соопшти владината служба за информирање.






