вторник, 31 март 2026

Висок руски функционер даде оставка поради војната во Украина и ја напушти Русија

Објавено на

часот

Сподели

Ова е протест на досега највисоката личност во руската хиерархија против инвазијата.

Чубаис, кој некогаш беше шеф на кабинетот на поранешниот претседател Борис Јелцин, ја напушти функцијата специјален претставник на Владимир Путин за врски со меѓународните организации, изјавил за Ројтерс еден од изворите запознаени со ова прашање.

Тој беше назначен на функцијата и задолжен за „постигнување на целите за одржлив развој“, во 2020 година, неколку дена откако поднесе оставка како шеф на државната технолошка фирма РУСНАНО, со која раководеше од 2008 година.

Изворите, кои сакале да останат анонимни, рекле дека Чубаис си заминал поради конфликтот во Украина. Тој нема намера да се врати во Русија, изјавил еден од изворите.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за руската агенција РИА новости потврди дека Чубаис поднел оставка на функцијата, додавајќи дека тој тоа го сторил по сопствена волја.

Влијателен економист

Чубаис беше еден од малата група влијателни економисти под в.д. премиерот Јегор Гајдар што се обидоа да ја зацврстат постсоветската транзиција на Русија, која фрли десетици милиони бившосоветски граѓани во сиромаштија, вели Ројтерс.

Тој беше еден од најистакнатите Руси во хаотичната ера веднаш по распадот на СССР: непријателите го сметаа за човекот што ги влече конците на Кремљ, кој во приватизациите во 1990-тите имотот на поранешната суперсила им го продаде на мала група олигарси.

Но за приврзаниците, Чубаис беше херој што се бореше да основа пазар во Русија – и спречи таа да се втурне во граѓанска војна. Кога ќе почнеше да се наѕира проблем, Чубаис често беше тој кон кого се вртеше постсоветска Русија.

Во кризата во 1998 година, Јелцин го задолжи Чубаис да договори заеми од Меѓународниот монетарен фонд. Потоа тој беше назначен за шеф на државниот монопол за електрична енергија, кој се мачеше да добие пари за струјата што ја продаваше.

Кога Путин го почна својот подем на власта со преселувањето во Москва, Чубаис ја откажал работата во Кремљ што му била понудена на Путин, рече Путин во серија интервјуа во 1999 година.

Во последниве години, Чубаис продолжи да повикува на економски реформи и беше еден од најпознатите либерали поврзани со руската влада.

Набргу по инвазијата, Чубаис напиша дека од смртта на Гајдар во 2009 година, поминала цела ера.

„Се чини дека Гајдар подобро од мене ги разбра стратегиските ризици – а јас згрешив“, рече Чубаис.

Путин ја нарекува акцијата во Украина „специјална воена операција“, за која вели дека е неопходна бидејќи проширувањето на НАТО ѝ се заканува на Русија, и за запирање на, како што рече, „геноцидот“ на луѓето што зборуваат руски јазик во Украина по анексијата на Крим од страна на Москва во 2014 година.

Украина и нејзините западни поддржувачи ги отфрлаат тврдењата за геноцид. Тие сметаат дека Русија почна неиспровоцирана војна за да го потчини соседот што Путин го нарекува вештачка држава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ