„Се сложивме околу потребата од силен одговор на дестабилизирачкото однесување (на Северна Кореја) кое го видовме. Исто така се сложивме околу потребата за одржување на најсилните можни заеднички капацитети за одвраќање на Корејскиот Полуостров“, им кажа Сунг Ким на новинарите по состанокот со јужнокорејскиот претставник Но Кју Дук.
Сунг Ким пристигна во Сеул два дена откако Северна Кореја тестираше нов тип ракета, што беше нејзино 13-то пробно тестирање проектил од почетокот на годината. Експертите наведуваат дека Северна Кореја сака да го унапреди арсеналот на вооружување и од ривалите да изнуди отстапки како укинување на санкциите.
Меѓу тестираното вооружување се и проектили кои можат да носат нуклеарно оружје и да стигнат до копното на САД и териториите на нивните сојузници Јужна Кореја и Јапонија. Постои загриженост дека Северна Кореја наскоро би можела да изврши нуклеарна проба со цел зголемување на притисокот врз ривалите.
Но Кју Дук, јужнкорејскиот претставник за нуклеарни прашања, кажа дека тој и Сунг Ким ја делат загриженоста дека Северна Кореја веројатно ќе продолжи со потезите кои ги креваат регионалните тензии. Тој го повика Пјонгјанг да се врати на преговорите.
Сунг Ким кажа дека САД и нивните сојузници „не ја затвориле вратата за дипломатијата“ со Северна Кореја и дека „немаат непријателски намери“ кон таа земја. Тој повтори дека Вашингтон е спремен на преговори со Пјонгјанг „каде било, без какви било успови“.
Северна Кореја веќе некое време ги одбива повиците и наведува дека САД прво мора да се откажат од непријателската политика за преговорите да бидат обновени. Некои експерти наведуваат дека Северна Кореја сака САД да ѝ ги ублажат санкциите или да ги сопрат редовните воени вежби со Јужна Кореја, кои Пјонгјанг ги смета за вежбање инвазија.






