Москва објави привремен прекин на огнот за да им овозможи на жителите да го напуштат градот, кој е блокиран од руските сили, преку договорените хуманитарни коридори. Сепак, градскиот совет на Мариупол, кратко по 12:40 часот по локално време соопшти дека евакуацијата е „прекината“.
„Руската страна не се придржува до прекинот на огнот и продолжи да го гранатира Мариупол и неговата околина“, се вели во кусото соопштение на советот на социјалните мрежи. Советот додаде дека евакуацијата ќе продолжи откако ќе се врати прекинот на огнот.
Руското министерство за одбрана, во меѓувреме, инсистираше на тоа дека обезбедилe безбеден премин на хуманитарните рути од Мариупол и Волноваха.
Министерството го повтори своето тврдење дека украинските „националисти“ не им дозволуваат на цивилите да си заминат и ја искористиле кратката пауза во руската офанзива за да внесат повеќе сили. Министерството за одбрана додаде дека е подготвено да работи со украинската страна за решавање на хуманитарната криза.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно ги обвини Украинците дека ги користат цивилите во Мариупол и на други места како „човечки штит“.
Москва ја нападна Украина минатата недела, тврдејќи дека ја брани ДПР и соседната Луганска Народна Република. Москва бара „демилитаризација и денацификација“ на Украина. Киев вели дека инвазијата е целосно неиспровоцирана и апелираше до меѓународната заедница за помош.
Украина ги обвини руските трупи за гранатирање на станбени области во Киев и други поголеми градови, вклучувајќи го и Харков. Москва тврди дека цели само воени локации, како што се аеродроми и радарски станици.






