Воздухопловната команда на Украина денеска соопшти дека граничните власти добиле информации во кои е детално опишано како руски авион полетал од аеродром во Белорусија, преминал во украинскиот воздушен простор и потоа пукал во белоруското село Копани.
„Ова е провокација! Целта: да се вклучат белоруските вооружени сили во војната во Украина“, се вели во соопштението на командата на украинските воздухопловни сили.
Украинската војска соопшти дека две други белоруски села исто така биле цел на истата операција.
Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко денеска беше во посета на рускиот претседател Владимир Путин во Москва.
„Официјално прогласуваме: украинската војска не планирала и не планира да преземе никаква агресивна акција против Република Белорусија“, се вели во соопштението на службата за безбедност на нејзиниот канал на Телеграм.
„Апелираме до белорускиот народ: не дозволувајте да бидете искористени во криминална војна!“, се додава.
Портпаролката на белоруското Министерство за одбрана Ина Харбачова ја отфрли изјавата на командата на украинските воздухопловни сили како лажна.
„Министерството за одбрана недвосмислено констатира дека информациите за ракетен напад врз белоруско село се глупости“, рече Харбачова.






