На Трамп му е наредено да плаќа по 10.000 долари секој ден, додека не се покори пред судската наредба.
Трамп не успеа пред судот да го поништи барањето на њујоршката обвинителка Летиша Џејмс, а потоа не ги достави бараните документи до судот до крајниот рок на 3 март, кој подоцна беше продолжен до 31 март по барање на неговиот адвокат.
Судијата Артур Енгорон заклучи дека одлуката дека Трамп е виновен за непочитување на судот е соодветна бидејќи поранешниот претседател „не го доставил бараниот материјал во неколку наврати“ и дека не е јасно дали Трамп се обидел да ги собере сите барани документи.
„Господине Трамп, знам дека сериозно си ја сфаќате работата. Јас исто така ја сфаќам мојата и затоа ве прогласувам за виновен за непочитување на судот“, рече судијата Енгорон, иако самиот Трамп не беше присутен во судницата.
Обвинителката Џејмс истражува дали организацијата на Трамп, семејната компанија на поранешниот претседател со седиште во Њујорк, погрешно ја претставила вредноста на неговиот недвижен имот за да добие поволни заеми и даночни олеснувања.
Џејмс наведува дека нејзините иследници пронашле „значајни докази“ што укажуваат дека повеќе од десет години во финансиските извештаи компанијата се потпирала на „лажни проценки на имотот и други неточни поими за неговата вредност со цел да профитира економски“.
Обвинителството истражува како организацијата на Трамп ја проценила вредноста на брендот Трамп, како и имотот што вклучува голф-клубови во државата Њујорк и во Шкотска, како и личниот стан на поранешниот претседател на најгорниот кат на Трамп-кулата во Менхетн.






