Минатата недела, американскиот претседател Џо Бајден потпиша извршна наредба за поделба на 7 милијарди долари од замрзнатите авганистански средства меѓу жртвите од терористичките напади на 11 септември и хуманитарна помош за Авганистан.
„Доколку Соединетите Држави не се откажат од својата одлука и продолжат со провокативни акции, Исламскиот Емират исто така ќе биде принуден да ја преиспита својата политика кон земјата“, изјавија авганистански лидери во официјално соопштение објавено во понеделникот вечерта.
Тие ги повикаа САД безусловно да ги ослободат замрзнатите средства.
Одлуката на Бајден предизвика огорченост кај Авганистанците, а поранешниот претседател Хамид Карзаи рече дека тоа е „неправедно и нечесно и е злосторство против авганистанскиот народ“.
Локалните медиуми објавија дека стотици луѓе протестирале во вторникот во Кабул осудувајќи ја одлуката на Бајден.
Авганистански политичари и академици бараат замрзнатите средства да не се користат за обесштетување на жртвите од нападите на 11 септември, бидејќи Авганистанците не биле вклучени во нападите, ниту пак парите на земјата да се користат како хуманитарна помош.
Тие сакаат средствата да останат недопрени за да се обезбеди стабилност на авганистанската валута и на финансискиот систем на земјата во целина. Нема Авганистанец меѓу терористите вклучени во нападот на Светскиот трговски центар во Њујорк во 2001 година.
Централната банка на Авганистан во саботата повика на поништување на одлуката и ослободување на средствата, велејќи дека тие не се во сопственост на влади, партии или групи.
Авганистан има околу 9 милијарди долари средства, вклучително и 7 милијарди долари во САД. Останатите средства главно се чуваат во Германија, Обединетите Арапски Емирати и Швајцарија.






