Во своето обраќање, претседателот на Комората, Бранко Азески, истакна дека стопанските комори не се државни органи, туку приватни здруженија основани врз основа на заеднички интерес. „Постоиме и затоа што постои потреба од координирано и здружено делување,“ рече Азески, потенцирајќи дека 103-годишната историја на Комората е доказ за нејзината релевантност. Тој нагласи дека економската дипломатија отсекогаш била една од клучните цели на Комората, дефинирана и во нејзиниот Статут, со силен фокус на унапредување на извозот, меѓународната соработка и отворање нови пазари.
Азески ги издвои трите стратешки приоритети на Комората во областа на извозот: поттикнување на иновативноста, развојот на знаења и вештини кај компаниите и зајакнување на јавнo-приватниот дијалог. Тој ги претстави активностите на Националниот совет за извоз, Клубот на извозници и Институтот за извоз како клучни механизми за подготовка и позиционирање на македонските компании на странските пазари. Според достапните податоци, во 2024 година македонските компании извезувале во 153 држави, а во 62 од нив извозот надминал 1 милион евра.