За парична поддршка од државата од 100 евра во динарска противвредност се пријавиле вкупно 1.019.796 млади, објави српскиот министер за финансии Синиша Мали. За таа мерка за помош од државниот буџет се обезбедени нешто повеќе од 12 милијарди динари, односно околу 101,7 милиони евра.
Мали најави дека на 10 февруари ќе им бидат исплатени по 20.000 динари, нешто помалку од 170 евра, еднократна помош на пензионерите, додека здравствените работници кон средината на јануари добија по 85 евра.
„Од државниот буџет во текот на коронакризата се издвоени 8,7 милијарди евра за помош на економијата, претприемачите и граѓаните, што е речиси 18 отсто од БДП“, кажа Мали и оцени дека државата така покажува колку е стабилна и силна.
Истовремено, критичарите на власта укажуваат на тоа дека, кога ќе се соберат сите пари кои државата им ги дала на граѓаните во последните две години само пред избори, се доаѓа до износ од околу 1,4 милијарди евра.
Толку пари власта вложила во обидот за купување нови гласови, оценија соговорниците на српскиот портал Нова. Професорката на Економскиот факултет во Белград Даница Поповиќ тврди дека буџетот на Србија е веќе во дефицит и дека за новата помош на младите нема пари.
„Затоа, поради овој предизборен обид за купување гласови, дополнително ќе се задолжиме“, кажа Поповиќ. Според неа „секоја влада ги поткупува гласачите, помалку примитивно и очигледно, но го прави тоа“.
„Вучиќ сега тргна во лов на гласачи и мора на јадицата да стави мамец, а проценил дека може да ги купи со пари. Е сега, од каде ни се тие пари? Ги немаме, буџетот е веќе во дефицит и ќе мора да земаме кредити. За наша голема жал, најверојатно од Кинезите, по услови кои ќе останат тајна“, оцени Поповиќ.
Ни политикологот Цвијетин Миливојевиќ не се сомнева дека новата рунда државна помош е обид за „купување гласови пред изборите“.
Тој наведува дека на граѓаните им е полесно да добијат „100 евра свои пари“ отколку да слушнат дека државата ќе мора да ѝ плати милијарда евра отштета на рударската компанија Рио Тинто поради копањето литиум или дека 600 милиони се платени за телевизискиот пренос на англиската фудбалска Премиер лига.
„Друг проблем е што повеќето граѓани сметаат дека Вучиќ им дал некакви пари. А зошто е тоа така? Затоа што Вучиќ е воедно и претседател на државата, и претседател на владата, и министер на сите министерства, и претседател на владејачката партија. А за тоа одговорноста ја носи опозицијата“, оцени Миливојевиќ.






