Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека Ер Србија ќе се врати на еден лет за Москва дневно по „хајката против Србија”.
Украина ја обвини Србија за профитерство поради зголемениот број летови кон Русија за време на санкции на Западот против земјата.
Првата заменик-министерка за надворешни работи на Украина, Емине Џепар изјави дека Ер Србија го удвоила бројот на летови до Москва во време кога другите европски авиопревозници воведуваат санкции кон Москва, а небото на ЕУ е затворено за компании и приватни авиони од Русија.
„Србија е единствена во Европа со небо отворено за Русија. Заработување пари на украинска крв е недостојно за земја кандидат за ЕУ“, напиша Џепар на Твитер, пренесе АП.
На таа социјална мрежа реагираше и естонскиот европратеник Урмас Пает, сугерирајќи дека на српската национална авиокомпанија треба да ѝ се забранат летови во воздушниот простор на Унијата бидејќи „Србија и Ер Србија ги игнорираат санкциите на ЕУ против Русија“.
„Ер Србија е прозорец кон Европа за Русија“, напиша Пает.
Британски Гардијан претходно објави дека богатите Руси ја користат Србија за да влезат во Европа „на мала врата“ и да ја заобиколат забраната за летови до и од Русија, која важи во цела Европска унија.
Британскиот весник потсети дека Србија одби да воведе санкции кон Русија, но и дека авионите на Ер Србија можат слободно да го преминуваат воздушниот простор на ЕУ, што ја направи Србија „единствениот европски воздушен коридор што остана отворен за Русија“.
Ер Србија моментално има 15 летови неделно за Москва, само три имало во неделата, но српскиот претседател укажа дека други компании од Турција, од Блискиот Исток и Азија, до руската престолнина летаат многу почесто „дури 30 пати повеќе“.
„Нема да ги допираат оние што се во НАТО, а кои се делумно во Европа и Азија и кои имаат 30 пати повеќе летови од нас. Да речеме Турција, и немам никаков проблем. Тоа е нивна одлука, но зошто не го прават тоа со земјите од Заливот од кои бараат нафта, а имаат 15 пати повеќе летови од нас?“ – праша Вучиќ.
Тој истакна дека е подготвен да ги послуша критиките од „оние кои водат хајка против Србија“ и најави дека Ер Србија ќе го врати бројот на летови за Москва на еден дневно откако ќе се искористат однапред купените билети.
„Еве, ќе имаме еден лет дневно. За никој да не може да ни каже дека заработуваме нешто… Дали е проблем за 30.000 евра? Нема проблем. Еве, билети купиле луѓе за пет, шест дена, после тоа нема друг лет“, беше категоричен Вучиќ во изјавата во саботата за белградската ТВ Пинк.
Ер Србија на 3 март објави дека ќе воведе два лета дневно за Москва, а од раководството во меѓувреме нема коментар за најавата на српскиот претседател.






