недела, 21 декември 2025

СОНК на 11 април почнува генерален штрајк, нема да работат градинките, училиштата…

Објавено на

часот

Сподели

„На седницата, неминовен беше заклучокот дека Советот на СОНК го почитува социјалниот дијалог и дека во изминатиот период оствари повеќе средби, како со Владата, така и со социјалните партнери МОН И МТСП, за усогласување на платите со минималната плата на национално ниво. Но, за жал, во овој временски период, по однос на нашите барања, нема никаков резултат. Неприфатливиот и неаргументиран однос и основ на ресорните министерства, дополнително влијае на одлучноста на членството на СОНК да истрае во легитимната борба за остварување на своите барања. По опширната расправа на седницата, земајќи го во предвид изјаснувањето на огромен процент на членството за организирање на штрајк, Советот на СОНК едногласно донесе Одлука за организирање и одржување на Генерален штрајк, кој би започнал на 11.04.2022 година“, соопшти СОНК.

Советот ги задолжи регионалните одбори на СОНК да ги преземат сите неопходни подготовки за организирање и одржување на Генерален штрајк, кој би се одвивал во сите установи од дејностите детска заштита, основно и средно образование, во кои има членови на СОНК, како и во установи каде што по пат на солидарност би се приклучиле и други вработени.

Штрајкот би бил класичен, а тоа значи дека вработените кои ќе бидат во штрајк, нема да вршат прием на деца во градинките, нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, што би значело прекин на воспитно-образовниот процес.

„Членовите на СОНК, заради немање слух на надлежните, мора да ги бараат правата кои им следуваат со закон и колективен договор, преку искажување на јавно незадоволство, односно преку Генерален штрајк. Оттука, СОНК ги повикува своите членови да останат единствени и сплотени во борбата за заштита на своите права, преку која сите засегнати во државата ќе ја сфатат сериозноста, силата и големината на нашиот Синдикат. СОНК бара разбирање и поддршка од родителите на учениците, заради времениот прекин на воспитно-образовниот процес односно прекинот на работа на детските градинки, основните и средните училишта, како и ученичките и студенските домови. Убедени сме дека нашата синдикална борба за остварување на социјални права ќе вроди со плод, при што конечно вработените во овие дејности ќе бидат достојно вреднувани, а со тоа и помотивирани за извршување на своите работни обврски“, се наведува во соопштението.

По вчерашната средба со СОНК од Владата со соопштение објавија дека договориле континуиран дијалог до постигнување договор.

„На средбата се разговараше за барањата на СОНК и на истата е донесен заеднички заклучок дека Владата е отворена за континуиран дијалог со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија кои ќе постават рамка која ќе го заштити стандардот и интегритетот на наставниот кадар, а со акцент на стартната позиција врзана со социјалниот статус на вработените во воспитно-образовниот систем како основ за понатамошните разговори“, соопштија од Владата.

Барањето на СОНК е усогласување на платите во образованието со минималната плата, која од овој месец се зголемува на 18.000 денари. Дополнително од Синдикатот бараат минималната плата во иднина да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работните места во образовниот сектор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ