Ова е одговорот на САД на руската инвазија на Украина, што го отвора патот за воведување казнени царински тарифи за производите од Русија и Белорусија.
Американскиот претседател Џо Бајден, во координација со своите европски сојузници, ја најави мерката во март, чија цел е дополнително да ја изолира Русија од глобалната сцена.
Претставничкиот дом и Сенатот на американскиот Конгрес треба да ја одобрат мерката. Двете партии во тие два дома силно ја поддржуваат мерката.
Со укинувањето на статусот на повластена нација, основниот принцип на реципроцитет на слободната трговија, Западот практично ќе ја отсече Русија од светската трговија бидејќи ќе се воведат високи тарифи за увезените руски производи.
Само две други земји, што се однесува до САД, се исклучени од овој режим на реципроцитет, кој е основен елемент на меѓународните трговски односи. Тоа се Северна Кореја и Куба.
Минатата година САД увезле руски производи за околу 30 милијарди долари, од кои 17,5 милијарди биле за нафта. Вашингтон сега воведе ембарго за увозот на нафта.
Соединетите Американски Држави воведоа санкции за две други компании контролирани од руската држава, објави во четвртокот американското министерство за финансии. Станува збор за санкции против рускиот рударски гигант Алрос и главниот руски бродоградител Јунајтед шипбилдинг корпорејшн – УСЦ.
Алрос се занимава со дијаманти, додека УСЦ ги произведува речиси сите руски воени бродови.
Мерките на САД ги засилуваат санкциите усвоени во последните недели во западните земји. Целта на санкциите е постепено прекинување на финансиските и економските врски на Русија со остатокот од светот.






