Сиљановска ја истакна важноста на негувањето на уникатните македонски обичаи, како неразделен дел од македонскиот национален идентитет.
„Галичник, со својата ретка природна убавина, оригинална архитектура, богата историја и автентична култура може да биде туристички магнет и посакувана туристичка дестинација не само за време на Галичката свадба, туку и во текот на целата година“, рече Сиљановска на средбата.
Претставниците на месната заедница ја информираа претседателката за амбициозните планови и проекти за заживување на Галичник, укажувајќи на неопходните чекори и активности за таа цел. Реконструкцијата на патот од селото Јанче до Галичник и реновирањето на некогаш прочуената пекара, стара повеќе од еден век се неопходни претпоставки за нормален селски живот. Обновата на куќата на Ѓорѓија Пулевски и нејзината трансформација во музеј ќе ја оживее меморијата за славното село на кое жителите биле горди, а другите му завидувале. Оживувањето на умешноста на готвење, подготвување сирење, ткаење, везење, плетење, копаничарство може да го привлече интересот на многу добронамерници кои бегаат од буката и хаосот на современиот градски живот.
Обезбедувањето проодност на патот од Маврово до Галичник од доцна есен до рана пролет и покрај големите наноси од снег ќе им овозможи на галичани, но и на сите вљубеници во снежната идила и мир бегство во бескрајната белина и неповторливо уживање во планинските предели.
Сиљановска-Давкова изрази подготвеност за лобирање и учество во организирање настани за финансиска поддршка на проектите.
Галичката свадба може да се издигне во настан над настаните, момент за помнење и раскажување, уметнички чин во којшто секој ќе сака да учествува. Манифестацијата Галичка свадба и годинава традиционално ќе се одржи на празникот Петровден, од 11 до 13 јули.






