Проектот „Рокет и Тигерли“ ќе се состои од четири згради, од кои една ќе биде висока 100 метри во швајцарскиот град Винтертур во близина на Цирих.
Дизајнот ќе понуди модерно висококвалитетно домување со максимален прилив на дневна светлина, според данската компанија за дизајн Шмидт Хамер Ласен Архитекти (СХЛ). Фасадата ќе биде покриена со темноцрвени и жолти теракота тули во комбинација со зелени детали, во склад со црвените покриви и жолтите тули на постарите згради во областа.
„На проектот му пристапуваме со големо чувство на понизност, тоа е голем проект кој ќе има значително влијание врз заедницата, во социјална и естетска смисла.“ рече Кристијан Ахлмарк, партнер и директор за дизајн во СХЛ.
Во четирите згради ќе има станбени единици, малопродажен простор, бар и хотел. Тие се очекува да бидат завршени и подготвени за вселување до 2026 година. Проектот се приклучува на другите архитектонски потфати кои сакаат да докажат дека дрвото може да се користи како основа за висококатници.
Кулата Мјостарнет во норвешкиот град Брумундал, висока 85 метри, стана највисоката дрвена зграда во светот кога беше отворена во 2019 година. Во зградата од 18 ката се сместени станови и деловен простор.






