Последниве денови растеше притисокот врз канцеларот Олаф Шолц и германската влада да пружат поголема воена помош за Украина од редовите на политичарите во владејачката коалиција.
Сега Шолц реагираше и објави дека обезбедил вкупно две милијарди евра дополнителна воена помош, од кои многу повеќе од милијарда евра ќе одат директно во Украина, пренесува првата програма на германската телевизија АРД.
Украинците можат да ги искористат тие пари за да го купат оружјето што го сакаат, во консултација со САД и другите партнери. Доколку купат оружје од Германија, извозот мора да го одобри сојузниот министер за економија Роберт Хабек. Од овој пакет 400 милиони евра се наменети за Европскиот мировен фонд, кој купува оружје за Украина. Останатите 400 милиони евра се за други земји.
Овие две милијарди евра за набавка на оружје за Украина не се дел од претходно најавениот специјален фонд за модернизација на германскиот Бундесвер од 100 милијарди евра, туку се работи за дополнителни пари, како зголемување на буџетот за оваа година.






