понеделник, 30 март 2026

САД забранија увоз на нафта и гас од Русија (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

„Увозот на нафта и други руски енергенси ќе ѝ зададе уште еден удар на Путиновата воена машина“, кажа Бајден.

Во изјавата, која во живо ја пренесуваа американските телевизии, Бајден кажа дека САД ја донеле одлуката во блиска координација со своите сојузници, но разбира дека некои од нивните европски сојузници нема да можат да го преземат истиот чекор поради зависноста од руската нафта. Кажа дека САД, како земја што произведува повеќе нафта од сите европски земји заедно, сега соработуваат со партнерите во Европа за да се намали нивната зависност од Русија.

Бајден истакна дека ова морало да се случи.

„Цената на тоа ќе ја почувствуваме и тука во САД. Кажав дека ќе бидам искрен со американскиот народ од почетокот. Кога првпат зборував за тоа, кажав дека одбраната на слободата ќе чини. Ќе нè чини и нас во Соединетите Држави. Републиканците и демократите тоа еднакво го разбираат и јасни се околу тоа дека мораме да го направиме“, кажа американскиот претседател.

„Путиновата војна веќе им штети на американските семејства на бензинските пумпи. Ќе направам сè за да го минимизирам поскапувањето тука дома“, кажа Бајден.

На нафтените и гасните компании им порача дека, иако војната доведе до пораст на цените, тоа не е изговор постојано страшно да се зголемуваат цените и дека тоа се прелева на американските потрошувачи. „Руската агресија сите нас скапо нè чини и нема простор да се искористува“, кажа тој.

Бајден особено се осврна на рускиот претседател Владимир Путин оценувајќи дека во Украина никогаш нема да може да оствари победа.

„Ова е веќе јасно, Украина никогаш нема да биде победа на Путин. Путин можеби ќе може да заземе градови, но никогаш нема да може да ја задржи земјата“, додаде.

САД во просек во 2021 од Русија увезувале над 20,4 милиони барели сирова нафта и рафинирани производи месечно, што е околу 8 отсто од американскиот увоз на течни горива, според американската сојузна агенција Енерџи информејшн организејшн.

[video:https://youtu.be/VE3EUUxFdqo autoplay:0]
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ