„Може да се обидуваат да му испратат порака на Западот“, изјави за Си-ен-ен функционерот кој сакал да остане анонимен. Според него, „од воена перспектива тоа не е баш практично“.
Русија во саботата соопшти дека лансирала хиперсонични проектили „кинжал“ (бодеж) за да уништи голем склад за оружје во Ивано-Франковската област на западот на Украина.
Според агенцијата Интерфакс, тоа е првпат Русија да го употреби системот „кинжал“ од нападот на Украина на 24 февруари.
Москва не го крие задоволството од развојот на напредното оружје, а рускиот претседател Владимир Путин тврди дека Русија е глобалниот предводник во хиперсоничните проектили. Нивната брзина, маневарските способности и висината на лет ги прават тешки за следење и практично не може да се пресретнат.
Големите светски сили, како Русија, Кина и САД, веќе некое време се тркаат во развојот на хиперсонична ракета. Станува збор за неверојатно брз ракетен систем кој во моментов не може да го пресретне ниеден систем за противракетна одбрана.
Хиперсоничните проектили најчесто пативаат и пет пати побрзо од звукот (околу 6.100 км/ч, километар и пол во секунда), а некои ракети, како рускиот „кинжал“, наводно може да достигнат мах 10, односно 12.300 км/ч, и да поминат оддалеченост до околу 2.000 километри.
Рускиот „кинжал“ има двојна употреба – конвенционална и нуклеарна.






