Како и сателитските снимки што неодамна ги објави Њујорк тајмс, видеата што ги објавува Медуза се важен доказ што покажува дека ужасните убиства на цивили во Буча се случиле пред руските трупи да се повлечат од градот, вели сајтот.
Што покажува новата снимка од дрон?
На видеата до кои дошла Медуза може да се видат тела на мртви цивили како лежат на улицата Јаблонска во Буча, како и на неколку соседни улици. Користејќи техники за геолокација, Медуза утврдила точно каде лежат телата. Нивните локации целосно се совпаднале со локациите на труповите видени на фотографиите и видеата направени од украинската полиција и новинари во Буча на 1-2 април 2022 година – откако руските трупи го напуштија градот. Важно е да се напомене, вели Медуза, дека на снимката направена од горе сите мртви лежат не само на истите места, туку и во истите положби што се гледаат на снимката направена од земја.
На неколку видеа може да се видат (на оддалеченост од неколку десетици или неколку стотици метри) воени возила што наликуваат на оние што ги користат руските воздушни единици (веројатно БМДи или БТР-Ди). На едно од видеата се гледаат луѓе што стојат во близина на едно од овие борбени возила. Во овој момент, телата на загинатите сѐ уште лежат неколку десетици метри подалеку од овие војници.
На снимките од 29 и 30 март руската воена опрема повеќе не е на истото место. Според руското Министерство за одбрана, нејзините војници се повлекле од Буча на 30 март.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=DntKDLjv5RM autoplay:0]Зошто е важно ова?
Досега објективните документарни докази дека цивилите биле убиени во периодот кога руските трупи ја контролирале Буча главно доаѓаа од сателитски снимки обезбедени од компанијата Максар технолоџис. На овие слики, за кои Максар вели дека биле собрани од 9 до 11 март, „се гледаат темни објекти со големина слична на човечко тело што се појавуваат на улицата Јаблонска“, пишува Њујорк тајмс. Сепак, про-Кремљ блогерите се обидоа преку анализа на сенките да докажат дека сликите на Максар биле направени на 1 април, откако во Буча влегле украинските војници, вели Медуза.
Вебсајтот вели дека не само што добил дополнителни докази што ги потврдуваат сликите на Максар (кои покажуваат дека руските сили биле присутни во Буча кога се случиле убиствата на цивили), туку и независно потврдил кога е направена оваа снимка.
Каде Медуза ги добила овие видеа?
Овие видеа на Медуза ѝ ги дал белорускиот неонацист Серхи „Ботсман“ Коротких, чија борбена група се бори на украинската страна. Коротких тврди дека неговите соборци редовно ги снимале руските позиции во јужните области на Буча користејќи сопствен дрон.
Руските провладини новинари го обвинија Коротких и неговата борбена група за убиства на цивили во Буча на 31 март или 1 април – откако руските трупи се повлекоа од градот. Така, Медуза внимателно ги анализирала видеата што ѝ ги дал Коротких и утврдила дека е многу малку веројатно снимката да е лажна.
Како знаеме дека снимката е направена пред доаѓањето на украинските војници?
Постојат три главни причини, вели Медуза, поради кои можеме со сигурност да тврдиме дека снимката што ја објавуваме е снимена пред руските трупи да се повлечат од Буча:
Прво, руската воена опрема е јасно видлива на улицата Јаблонска, и во повеќе видеа и во различни денови. Неколку оклопни возила се појавуваат таму помеѓу 23 и 28 март. Во видеото од 29 март повеќе нема руска воена опрема на улицата. Украинската армија не користи ваков тип опрема.
Второ, изворот на Медуза ѝ доставил необработени фајлови: оригиналните видеа снимени од дронот. Овие фајлови содржат детални метаподатоци, вклучувајќи го и времето кога е снимена снимката.
Трето, бидејќи метаподатоците може да се манипулираат, Медуза повикала двајца независни експерти да проверат кога се снимени видеата, користејќи техники за хронолокација. Нивните наоди потврдиле дека времињата во метаподатоците се совпаѓаат со вистинското време кога е направена снимката и дека првото видео од телата не можело да биде снимено по 26 март 2022 година.
Руското Министерство за одбрана вчера не одговорило на барањето на Медуза за коментар.






