Црното Море е важен трговски пат за житариците, маслото и други производи. Пристанишната управа Новоросиск порача дека е загрозен превозот во западниот дел на Црното Море.
„Поради невреме, јажињата со кои биле врзани мините испукале“, соопшти Федералната служба за безбедност на Руската Федерација (ФСБ), наследникот на советски КГБ. „Поради ветерот и водените струи, мините слободно пловат во западниот дел од Црното Море“.
ФСБ тврди дека се ослободиле 420 мини и додава дека мините биле поставени од украинските сили. Украина кажа дека предупредувањето на ФСБ е погрешно и дека немаат никакви информации за какви било мини во морето.
„Ова се целосни дезинформации од руска страна“, кажа Виктор Вишнов, заменик шефот на украинската државна поморска управа. „Ова е направено да се оправда затворањето на оние делови од Црното Море кои се под наводна опасност од мини“.
Украинската морнарица кажа дека нејзина должност е да информира за безбедносните предупредувања за својот дел од Црното Море и дека предупредувањето на Москва е „обид за информациско пиратство“.
Во меѓувреме воената морнарица на Турција издаде предупредување за бродовите кои ги користат теснеците Дарданели и Босфор поради мините кои пловат во Црното Море.
Како што е наведено во предупредувањето, тие се наоѓале во близина на пристаништата Одеса, Очаков, Черноморск и Јужни, но избегале од контрола поради искинати јажиња.
„Важно е сите бродови во околина да обратат внимание на пловечки мини. Се бара од бродовите во околината веднаш да пријават доколку забележат каква било пловечка мина или објект сличен на мина“, се наведува во соопштението.






