„ПГНиГ (полската државна компанија за снабдување со гас) доби информација дека рускиот гас повеќе нема да доаѓа преку гасоводот Јамал“, кажа синоќа полската министерка Москва.
Газпром испораката на гас ќе ја прекине во 8 часот наутро по средноевропско време, а ПГНиГ објави дека ќе преземе чекори да се сопре прекинот на испораките бидејќи со тоа се кршат постоечките договори. Полската компанија истакна дека има право на отштета поради кршењето на постоечките договори.
Полската министерка Москва порача дека нема потреба за повлекување гас од резервите и дека полските потрошувачи нема да го почувствуваат прекинот на дотокот. Испораки од други насоки ќе ги заменат тие на Газпром, кажа полскиот министер за енергетска безбедност Пјотр Наимски додавајќи дека договорот со Газпром за гасоводот Јамал секако завршува во декември.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки по средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц потврди дека Полска претходно „добила закани од Газпром“.
Од Русија сè уште нема официјална потврда на прекинот на испораките на гас, односно дали станува збор за исполнување на предупредувањето кое претходно го испрати до земјите кои ќе одбиваат да го плаќаат рускиот гас во рубли.
Полска повтори дека нема да се согласи на рускиот услов гасот да го плаќа во рубли според новите правила кои Москва ги донесе минатиот месец.
Русија ја предупреди Европската Унија дека со одбивање на плаќање во руската валута може да резултира со прекин на снабдувањето. Во март Русија донесе декрет со кој предложи купувачите на енергенси да отворат сметки во Газпромбанк за да плаќаат во западни валути кои потоа ќе бидат сменети во рубли.
Европската комисија порача дека компаниите треба да продолжат да плаќаат во валутите одредени со договорите со Газпром, а во 97 отсто од случаите тоа се евро и долар.






