Луис Рубиалес со денови е под лупа откако беа објавени аудио снимки и разговори со Жерард Пике, двајцата го договарале Суперкупот во Саудиска Арабија, и помеѓу другите работи, спорна е големата провизија која дефанзивецот ја заработил преку својата компанија.
Првиот човек на ФФШ порача дека информациите кои биле обелоденети од „Ел Конфиденсиал“ се лажни, побара извинување и да се отвори истрага за тоа кој му го хакирал телефонот.
Тој појасни дека нема ништо нелегално во договорот и дека Саудиска Арабија директно ја платила провизијата на компанијата на Жерард Пике, а не федерацијата.
„Вознемирен сум поради тоа што приоритет се дава на лажи информации наместо на тоа дека се украдени приватни информации од мојот телефон, телефонот на кој имам фотографии од ќерките, разговори со пријателите“ – вели Рубиалес.
„Многу работи беа кажани за мене изминативе години. Четири години сум на чело на ФФШ и постојано ме напаѓаат, се води хајка против мене, не ме оставаат да дишам“.
„Се надевам дека полицијата ќе го најде виновникот, цел сум на мафија. Не верувам дека ќе ме најдете во ендек со куршум во глава, но не ја исклучувам можноста да ми најдат кокаин во багажникот на мојот автомобил“.
„Не го заслужувам ова, ниту пак моето семејство“.






