Роман Абрамович одново е во фокусот на британската јавност, бизнисменот од Русија во 2018 остана без виза откако заладија односите помеѓу Британија и Русија по нападот врз Сергеј Скрипаљ, кој беше отруен со нервен гас.
Сопственикот на Челси ги заобиколи правилата, стана државјанин на Израел и со новиот пасош патуваше на „островото“.
Но откако Русија започна воена интервенција во Украина и Британија најави нови санкции, медиумите од Англија пренесоа дека Роман Абрамович ќе биде протерен, и во иднина ниту израелскиот пасош нема да му помогне за влез во земјата.
И не само тоа, пратеникот од Лабуристичката партија, Крис Брајант побара државата да му го одземе целиот имот на бизнисменот од Русија.
„Мислам дека е јасно дека Абрамович не може да биде газда на фудбалски клуб во оваа земја. Треба да почнеме да размислуваме за конфискување на дел од неговиот имот, вклучувајќи го и неговиот дом од 152 милиони фунти“ – порача Брајант.
Пред неколку дена, владата на Британија соопшти дека ќе воведе санкции кон тројца руски милијардери кои се блиски до Владимир Путин.






