На вчерашниот собир родителите оставката на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски ја оценија како „задоцнета“, а најавија дека од новиот државен обвинител ќе бараат преиспитување на предметот од самиот почеток, за да се утврди одговорноста на лицата кои знаеле, кои дозволиле, кои премолчеле и кои не постапиле за да се обезбеди одговорност.
Тие велат дека постојат и други лица за кои и јавноста и родителите основано знаат дека се виновни, ама не се осомничени. „Вистинските носители на моќ и одговорност останале заштитени. Гонењето на неколку ситни функционери е привид за правда и заташкување. Ние бараме директна институционална и индивидуална одговорност“, повторија родителите.
Во големата судница во Идризово во Скопје во тек е судски процес против 35 физички и три правни лица, обвинети за трагедијата во Кочани во која загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Судењето почна на 19 ноември. Наредното рочиште е најавено за 25 декември.






