петок, 19 декември 2025

Решението на спорот со Бугарија може да заврши со кривично дело загрозување на независноста

Објавено на

часот

Сподели

Викендов во Битола се отвори културен клуб „Ванчо Михајлов“ на кој присуствуваше висока делегација од Бугарија. Тоа во македонската јавност беше оценето како дрска провокација координирано изрежирана од бугарските власти заедно со здруженијата на Бугарите во Македонија, во координација со македонските власти. Ова само ја дополни листата на негирањето на сè што е македонско од страна на бугарските политичари кои тоа со децении го пропагираат. Откако станаа земја членка на ЕУ со можноста за вето на евроинтегративниот процес на Македонија, тоа само ги  потхрани нивните апетити за санстефанска Бугарија. А македонските власти – упорно молчат.

Во својот фејсбук-пост за овие појави Токарев вели дека „ако под влијание и притисоци од Бугарија се преземат акти со кои ќе се доведат во прашање основата и смислата на постоењето на Република Македонија (Народно-ослободителната анти-фашистичка борба и посебноста на македонскиот народ и јазик), тогаш Македонија ќе биде доведена во положба на потчинетост спрема Бугарија. За ова не може да не бидат свесни властите кои би потпишале евентуален договор, со што ќе имаат и умисла за извршување на кривичното дело“, вели Токарев кој дипломирал на Правниот факултет во Скопје.

Барањата на Бугарија

Според договорите, декларациите и разни други изјави и писма кои доаѓаа од Бугарија, оваа земја побара, а ние се согласивме да се откажеме од македонското малцинство во таа земја. Забрането ни е прашањето за правата на македонското национално малцинство во Бугарија да го отвораме по меѓународните организации.

Софија во Брисел испрати документ со кој од Македонија бара да се согласиме дека нема македонски јазик, туку дека има само „официјален јазик според Уставот на Република Северна Македонија.

Македонски народ до 1944 година не постоел – треба да се согласиме и на тоа.

Никаде во документите на ЕУ да не фигурира македонскиот јазик, туку само официјален јазик на Република Северна Македонија.

Ако веќе мора да стои македонски јазик, тогаш во документи и ставови на ЕУ, со ѕвездичка во фуснота да се појаснува дека е тоа согласно Уставот на Република Северна Македонија.

И уште ова – треба да биде јасно дека јазичната норма која е прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија, е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година.

И ова – ниту еден документ во процесот на пристапување не може да се сфати како признание од бугарска страна за постоењето на т.н. ‘македонски јазик’ различен од бугарскиот…

Бараат од нас од секаде да избришеме бугарски фашистички окупатор, од сите текстови и споменици и спомен-плочи.

Се бара рехабилитација на жртвите репресирани поради бугарска самосвест.

Треба да се променат сите наши учебници.

Реставрација и одржување на бугарски воени гробишта и споменици на територијата на Македонија.

Тие сметаат дека препишувањето на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година е еден од столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам.

Според бугарските политичари, почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ е можен само ако има реален напредок во исполнувањето на духот и словото на Договорот за добрососедство и пријателство.

Услов е и почеток на процес за рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунистички режим кои трпеле репресија поради бугарската самосвест. Тоа е еден вид нов процес на лустрација кој треба да ги расветли соработниците на поранешните служби за безбедност на Југославија во денешна Македонија.

Заедничката историја до 1944 година како што тие ја подразбираат е обврзна, а тука се и Гоце Делчев, ВМРО, Илинденското востание…

Да се дефинира листа од датуми за одбележување на заеднички настани и личности со строга контрола на медиумите за објавување на она што ќе го договори заедничката комисија на историчари.

И тоа не е сè:

Бугарите во Македонија да станат дел од македонскиот Устав, без никаква обврска истото да важи за Македонците во Бугарија, кои за нив – не постојат.

Државниот врв на Бугарија среде Битола отвори културен клуб со име на докажан соработник на фашистичкиот режим во Втората светска војна…

Сигурно е дека листата не завршува тука. Има уште.

Што уште треба да направат за да се охрабрат македонските власти и решително да реагираат во одбрана на македонското достоинство и на македонскиот народ?

Да се прекинат преговорите сега!

Ова за Токарев може да значи дека нашите деца може да растат во вештачки бугаризиран систем и да учат од школските учебници дека потекнуваат од бугарскиот народ и зборуваат на дијалект на бугарскиот јазик. Тогаш многу полесно во иднина би прифатиле да се откажат од својата држава и да се припојат кон Бугарија, вели Токарев во својот пост на Фејсбук.

„Прифаќањето на барањата на Бугарија, од кои гледаме не отстапуваат, неминовно ќе доведе до ова. Тоа бугарските власти добро го знаат и е единствена логична цел на нивните уцени.

Загрозување на независноста е кривично дело, во иста или слична форма, предвидено во речиси сите кривични законодавства во ЕУ и светот, токму со цел да се спречат вакви договори и национални предавства.

Единствен законски потег, и потег кој го заштитува највисокиот државен интерес да се зачува независноста, е да се прекинат преговорите со Бугарија сега“, пишува Влатко Токарев, магистрантот од Струмица на Кембриџ универзитетот.

А.Д.


ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ