Осврнувајќи се на годините по осамостојувањето на Македонија, Ангелески во интервју за МИА оценува дека тоа беа многу тешки времиња кога се затвораа фабриките, се губеа правата, работниците остануваа без плати, без работа и беа принудени да реагираат со штрајкови, со протести.
„Можам да речам дека не се постигнаа посебни права за работниците иако правевме сѐ што можевме. Знаеме дека голем дел од фирмите се затворија, работниците останаа на улица, така што, не сум задоволен од тоа што го постигнавме, иако вложувавме многу напор, енергија, многу контакти со членовите на синдикатот, бидејќи тогаш се работеше непосредно со членовите“, вели Ангелески.
Тој оценува дека денеска тешко се востановува синдикална организација во приватниот сектор, а дека состојбите се особено тешки во текстилниот сектор.
„Во приватниот сектор речиси нема фирми во кои има синдикални организации. Самите услови на пазарот, немањето работа, тешкото доаѓање до работно место, ги демотивираше работниците да се организираат синдикално. Од друга страна, државата долги години не направи некој напор да им помогне на работниците, во смисла да им направи терен за да може да се организираат за полесно да ги решаваат споровите со работодавците. Ситуацијата сега е уште полоша. Синдикати има во оние фирми кои континуирано продолжија да работат од времето на поранешниот систем. Во сите други поголеми компании, во индустриските зони, не може да се формираат синдикални организации, едноставно, од страв работниците да не ја загубат работата“, нагласува Ангелески.
На прашањето дали денес се унапредуваат или се уназадуваат работничките права Ангелески изнесува мислење дека се уназадуваат.
„Крајно време е сите политички субјекти во државава да помогнат за да овозможат терен за полесно синдикално да се организираат работниците и за полесно да се договараат со работодавците за да не бидат на товар на целиот систем“.
Во однос на штрајкот на СОНК кој сега е ставен во мирување тој вели дека е пропуст и на државата и на синдикатот што како никој да не знаел дека постои Закон за мирно решавање на работни спорови.
За секојдневното изнесување политички и партиски ставови во врска со штрајковите, Ангелески вели дека порано политичарите бегаа од проблемите помеѓу работниците и работодавците. Не сакаа да се мешаат.
„Сега, секој штрајк некој го поддржува, друг го напаѓа. Мешањето на политиката е најопасната работа и не дозволува да се дојде до нормално остварување на правата на работниците, зашто третите страни не ги трпат последиците кои ги засегаат работниците“, нагласува прилепскиот синдикален лидер.






