Путин, кој е лидер на Русија од 2000 година, денес потпиша указ со кој се забранува извозот на производи и суровини на поединците и ентитети од листата на санкции и ѝ наложи на владата да ја состави во рок од 10 дена, пренесува Ројтерс.
Указот, кој веднаш стапи на сила, ѝ дава можност на Москва во секој момент да го прекине извозот или да раскине договор со ентитет или поединец кој е под руски санкции.
Владата на Русија има рок од 10 дена да ја прошири листата на ентитети и поединци под санкции, на која веќе се наоѓаат западни политичари.
Путин наведе дека указот е одговор на „незаконските потези на САД и нивните сојузници чија цел е да ги лишат Русија, нејзините граѓани и правните лица од имотните права или да им ги ограничат имотните права“.
Со указот се потпишани „специјални возвратни економски мерки во врска со непријателските потези на некои странски држави и меѓународни организации“.
Руската инвазија на Украина, која почна на 24 февруари, ги поттикна САД и нивните сојузници да ѝ ги воведат на Москва најтешките санкции во модерната историја, кои Путин ги опиша како објава на економска војна.






