среда, 1 април 2026

Првпат по неколку години договорено двомесечно примирје во Јемен

Објавено на

часот

Сподели

Договорот кој е постигнат со посредување на ОН меѓу коалицијата предводена од Саудиска Арабија и групата Хути која е поврзана со Иран, е најзначајниот чекор досега кон завршување на конфликтот во кој се убиени десетици илјади луѓе, а милиони гладуваат, пренесува Ројтерс.

Последниот координиран прекин на непријателствата во целата земја беше за време на мировните преговори во 2016 година.

Грундберг кажа дека двомесечното примирје ќе стапи на сила во сабота во 19 часот по локално време (16 часот по средноевропско) и може да се обнови со согласност на страните.

Утре почнува муслиманскиот свет месец Рамазан.

„Целта на ова примирје е да им се даде на Јеменците неопходен одмор од насилствата, олеснување од хукманитарните маки и, што е најважно, надеж дека крај на овој конфликт е можен“, кажа Грундберг, додавајќи дека ќе се залага за траен прекин на огнот.

Јеменската економија и основните услуги, вклучувајќи го здравството, колабираа, оставајќи 80 отсто од населението – од околу 30 милиони луѓе – зависни од хуманитарна помош.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш кажа дека примирјето „мора да биде првиот чекор за завршување на разорната војна во Јемен“, повикувајќи ги страните да ја искористат приликата за „продолжување на инклузивен и сеопфатен јеменски политички процес“.

Со договорот се предвидува сопирање на офанзивните воени операции, вклучувајќи ги прекуграничните напади и дозволување на бродовите со гориво да влезат во пристаништето Худаида кое го држат Хутите и комерцијални летови од и до аеродромот во главниот град Сана „од однапред одредени одредишта во регионот“.

Грундберг кажа дека страните се сложиле да разговараат за отворање на патиштата во Таиз, кој е всушност под опсада, и други јеменски региони.

Претставници на ОН и САД од минатата година се обидуваат да постигнат трајно примирје потребно за заживување на прекинатите политички преговори. Хутите сакаат прво да се укине коалициската блокада, додека арапскиот сојуз бара истовремен договор.

Конфликтот се смета за посредничка војна меѓу сунитска Саудиска Арабија и шиитски Иран.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ