Македонците во овој регион се претежно од источна Македонија, а денес тука веќе живее трета генерација нашинци, додека првите доселеници пристигнале уште во 90-тите години.
Во петокот вечерта се одржа свечена академија. Главен и почесен гостин беше митрополитот на Европската епархија, Пимен. За време на вечерната програма настапи и македонското оперско трио „Џентлмен“.
Како посебен гостин присуствуваше и словачкиот митрополит Георгиј, чија присутност претставуваше значаен знак на духовно братство меѓу сестринските Цркви.
Присуствуваа и епископот на Алба, Марко Брунети, заедно со дон Емилијано, дон Елиџио и дон Пиерлуиџи, кои истакнаа дека црквата ги обединува народите и дека македонската заедница е длабоко и успешно интегрирана во италијанското општество.
Од локалните власти присуствуваа градоначалникот на Неиве, Паоло Пичинели, градоначалничката на Канели, Роза Џовине, и градоначалникот на Ница Монферато, Симоне Нозенцо, градови во кои живеат околу 3.000 Македонци.

Градоначалникот Пичинели нагласи дека Македонците значително придонесуваат за просперитетот на регионот, особено во областите по кои Пиемонт е познат: производството на врвните вина Бароло и Барабареско, како и одгледувањето лешници — токму од овој крај потекнува и прочуената фабрика Фереро, која ја произведува познатата Нутела.
Присуствуваше и генералниот конзул на Македонија во Местре (Венеција), проф. д-р Фросина Ременски, која ги пренесе честитките од дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во Италија и од Министерството за надворешни работи, истовремено заблагодарувајќи се за поддршката на градоначалниците и на македонската заедница, како и за сите можности што им се овозможени на Македонците во регионот.
Македонската православна црква во Пиемонт — храмот што денес ја обединува нашата заедница — е дадена под концесија од страна на Католичката црква за времен рок од 99 години и од тогаш претставува духовен дом на верниците во целата област.






