Пожар го зафати магацинот во кој се чуваа руски учебници, неколку дена по информациите дека издавачите ги бришат Украина и Киев од руските учебници.
Пожарникарите биле повикани во магацин во сопственост на издавачката куќа „Просвешчение“ во Богородски, источно од Москва, во вторникот во 3 часот наутро.
Пожарот бил изгаснат нешто повеќе од четири часа подоцна, изјави портпаролот на руското Министерство за вонредни ситуации за државната новинска агенција ТАСС.
Тие рекоа дека во магацинот биле складирани учебници и друг печатарски материјал.
Пожарот следува по информациите дека Просвешчение, една од најголемите и најстари руски образовни издавачки куќи, му наредила на персоналот да ги отстрани „несоодветните“ референци за Украина и Киев од учебниците.
Вработени во „Просвешчение“, кои сакале да останат анонимни, за независниот руски медиум Медиазона рекле дека на „таен состанок“ им било наредено да ги отстранат споменувањата на Украина од учебниците на куќата по инвазијата на Москва во земјата на 24 февруари.
Згора на тоа, тие објасниле дека секој вработен во „Просвешчение“ морал да потпише „голем број договори за доверливост“ или ќе бил итно отпуштен.
Претходно, рекле тие, луѓе беа отпуштани поради нивните политички изјави на социјалните мрежи: еден од уредниците од одделот за учебници по историја ја загубил работата поради објава на Фејсбук.
„Ние сега имаме задача да направиме да изгледа како Украина едноставно да не постои“, рекол еден од вработените. „Огромен проблем е кога во учебникот едноставно нема информации за една земја. Детето расте без никакво знаење за оваа земја, така е многу полесно да му верува на телевизорот“.
„Сега во учебниците Киев главно се споменува во контекст на Киевска Русија и ослободувањето на градот за време на Втората светска војна“, вели еден од уредниците.






