Пендаровски оваа оценка ја темели не само на она што го слушнал на вчерашната презентација на резултатите, туку и на коментарите дадени од експертот ангажиран од страна на ЕУ.
„Направивме попис со сите нишани, кој не отстапува од традицијата на направени пописи што ја имавме и ние и регионот и континентална Европа, во изминатите неколку децении“, изјави Пендаровски.
На прашањето за коментар околу седумте проценти, кои предизвикаа најмногу контроверзи, Пендаровски рече дека секогаш има контроверзи, особено кај нас во балканскиот регион, каде сме измешани и во религиозна и од политичка смисла. Тој наведе дека она што го знае од разговорите со неколку експерти, не постои попис воопшто во Европа и пошироко, кој нема одредена бројка на лица кои не се опфатени со пописот.
„Кај нас значаен дел, тие седум и колку проценти кои не се опфатени, за жал се резултат на бојкотот на политички субјекти. Очигледно е дека тоа имаше ефект во одредени делови од државата. Се разбира дека не треба да се исклучи како дополнителен фактор за тој процент и пандемијата“, изјави Пендаровски по обраќањето на конференцијата на тема „Дигитализација“, во организација на Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје.
Тој потсети дека имаше и попишувачи кои беа со специфична опрема, со сите протоколи, а дел од нив работеа и подоцна во тој временски период и надвор и не влегуваа во куќите и становите на граѓаните.
„Но, претпоставувам дека и повикот на бојкот кој беше експлицитен од страна на некои парламентарни партии и целата ситуација околу ковидот, придонесе дел од граѓаните да не ги отворат вратите од своите домови“, изјави Пендаровски.
На новинарско прашање за предлозите за амбасадори објавени во некои медиуми, тој одговори дека станува збор за предлози од Владата, а тие предлози споменати од медиумите во текот на вчерашниот ден, како што рече, сѐ уште не се пристигнати до него за да може да ги коментира.






