„Во однос на самото здружение кое е регистрирано, тоа подлежи на регистрација врз основа на законските прописи во државата. Нормално е дека како Влада ќе ги собереме сите информации кои се потребни во однос на регистрација на здруженија на граѓани. Во однос на користењето на имињата веќе имаше и од правни експерти одредени изјави и кога ќе ги добиеме сите информации идната недела ќе ве информираме за натамошните чекори“, рече премиерот.
Ковачевски смета дека треба да се гледа кон иднината.
„Доколку се навраќаме на личности од минатото за кои има различно мислење во различните држави, тоа нема да биде во ничија корист и само ќе влијае на лоши односи помеѓу граѓаните и помеѓу двете држави. Ние сме држава која што е определена за членство во ЕУ и која што низ дијалог тоа планира да го направи и се разбира дека сите земји членки на ЕУ треба да ја подобрат преговарачката рамка на Република Северна Македонија што е можно поскоро“, истакна Ковачевски.
Тој нагласи дека со Бугарија решението треба да се бара и да се базира врз основа на европските вредности, на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави, на нивна заемна почит, но и почит помеѓу политичарите, така и сите институции во двете држави.
„Доколку решението и разговорите не ги водиме на тие принципи тогаш е многу тешко да се дојде до решение. Се надевам дека постои простор да седнеме и на база на такви принципи да ги водиме во иднина разговорите“, рече премиерот Ковачевски.
Прашан за коментар за изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека македонската историја се темели на лагите на комунизмот, а не на историски факти, премиерот истакна дека не ја видел.
„Јас не сум ја видел изјавата, меѓутоа Република Северна Македонија има свој јасно дефиниран државен статус и сите граѓани во неа имаат свој јасно дефиниран идентитет што е определен со јазикот на граѓаните, кои што сите живеат нормално во неа, македонските граѓани со македонскиот јазик и идентитетот на македонските граѓани согласно со сите атрибути на идентитетот на граѓаните, како што се и етнографски и антрополошки и тоа е нешто што не може никој да го коментира, бидејќи тоа е право, чувство на секој граѓанин и тоа е дел од достоинството на секој еден граѓани во светот, вклучително и на нашите македонски граѓани“, рече Ковачевски.






