Се чини дека има целосен пресврт од страна на Кремљ околу тоа како европските земји што Русија ги прогласи за непријателски во иднина ќе плаќаат за рускиот гас.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, како што јави руската новинска агенција РИА, изјави дека купувачите на руски гас ќе продолжат за него да плаќаат во евра, како и досега.
„Во исто време, финалната исплата ќе оди кај продавачот Газпром во рубли, со тоа што овие евра ќе се претвораат во рубли. Ова сѐ уште е прототип на системот. Но не се сомневаме дека во иднина ќе се применува и на нова група стоки и дека ќе имаме повеќе простор во нашите трговски односи“, рече Песков.
Песков додаде дека „Русија не сака да ги комплицира животите на своите клиенти, особено затоа што се придржува до својата репутација на доверлив снабдувач“.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот потпиша указ според кој странските купувачи на рускиот гас ќе мораа да плаќаат во рубли. Тој предупреди дека договорите ќе бидат раскинати доколку другите држави не плаќаат за рускиот гас во рубли. Таа одлука ја донел, како што рече, поради „зајакнување на рускиот суверенитет“.
Британија, Германија и Франција први рекоа дека нема да плаќаат во рубли: „Нема да нѐ уценува Путин“.






