среда, 1 април 2026

Пентагон: Руската војска не ни крева телефон

Објавено на

часот

Сподели

Американските воени лидери немаат комуникација со своите колеги во Москва од почетокот на руската воена операција во Украина, повтори американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на сослушувањето на Комитетот за оружени служби на Сенатот во четвртокот.

Генералот Марк Мили, шеф на Здружениот генералштаб, „и јас самиот често им ѕвоневме на нашите колеги во Русија за да се обидеме да обезбедиме одржување на дијалогот. Последниот пат беше – кон средината на февруари“, им рече Остин на сенаторите.

„Тоа не беше многу успешно бидејќи Русите не одговараа“, додаде тој.

Шефот на Пентагон рече дека е „разочаран“ од ова и додаде: „Тоа не значи дека ќе престанеме да ги бараме за разговор. Мислам дека треба да ја имаме можноста да разговараме со раководството“.

Остин беше повикан во Сенатот да одговара на прашања за бараниот буџет на Пентагон за 2023 година, најголемиот во историјата на САД.

На брифингот за новинарите на 30 март, портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, призна дека „немало разговори“ со руската војска, но изрази „подготвеност да ги има тие дискусии“, откако еден новинар праша дали Вашингтон бил „во контакт“ со военото раководство на Русија.

„Но тоа е двонасочна улица. Русите треба да бидат спремни да кренат телефон и досега не беа спремни да го направат тоа“, додаде Кирби.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ