Како што соопшти неговиот кабинет, Пендаровски на средбата со Борел подвлекол дека отпочнувањето на пристапни преговори за земјава е тест за кредибилитетот на Европската Унија.
„Со новите геополитички динамики, ние не зборуваме за забрзување на нашиот процес, имајќи предвид дека Северна Македонија и Албанија имаат одлука за започнување на пристапните преговори од Советот на Унијата уште од март 2020 година. Тој повика на брза реализација на стратешките одлуки во однос на политиката на проширување. Северна Македонија се докажа како кредибилен партнер на Европската Унија и нејзината натамошна блокада за отворање на пристапните преговори, заедно со Албанија, е неодржлива“, изјавил Пендаровски.
Дискутирајќи за руската воена инвазија на Украина и нејзиното влијание врз безбедноста на европскиот континент како целина, соговорниците ја реафирмирале потребата од итно стопирање на руските воени дејствија во Украина, враќање на поредокот на меѓународното право и што е можно поскоро целисходно зацелување од девастирачкиот напад врз Украина.
Борел ја поздравил одлуката на земјава за приклучување кон санкциите на ЕУ за Русија, со што Македонија целосно се придружува кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и пакетот санкции на Унијата, вклучително и пакетот мерки од 2014 година.
На средбата, исто така се разговарало и за заклучоците од неодамнешниот Самит на лидерите на ЕУ во Версај, со акцент на процесот на евроинтегрирање со земјите од регионот, за што главниот збор го имаат земјите членки.






