„Помина повеќе од еден месец откако започна агресијата врз Украина, откако започна оваа сурова и бесмислена војна, која како и секоја војна е неуспех за сите“, рече светиот отец.
„Војната ја уништува не само сегашноста, туку и иднината на општеството. Читам дека секое второ дете ја напуштило земјата од почетокот на агресијата врз Украина. Ја уништува иднината на земјата, предизвикува драматична траума за најмладите и најневините меѓу нас. Варварски чин полн со сакрилегија“, рече папата.
„Се молам секој политички лидер да размисли и разбере, додека размислува за маченичката Украина, како секој нов ден на војна ја влошува ситуацијата за сите нас. Затоа го повторувам мојот апел: доста беше“, додаде аргентинскиот папа кога им се обрати на поклониците собрани на плоштадот Свети Петар.
Во последните недели, папата Франциско, кој претходно разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со православниот московски патријарх Кирил, постојано повикува на мир во Украина, осудувајќи го „масакрот“ во земјата каде што „течат реки од солзи и крв“.
Украина е претежно православна земја и има големо грчко католичко малцинство поврзано со Ватикан, кое е концентрирано во западниот дел на земјата.






